X
 11.12.2018 Живот

„Галуп“: Повеќе од 750 милиони луѓе во светот би мигрирале кога би можеле

По избивањето на мигрантската криза во Европа во 2015 година, миграцијата се наметна како доминантно и прашање на поделба, не само во европската политика, каде што антимигрантските политички партии добија моќ, туку и во другите политики во светот.

Според испитување на компанијата „Галуп“, желбата на луѓето да мигрираат трајно во друга земја се зголемила во периодот меѓу 2015 и 2017 година. Испитувањата направени во овој период покажале дека 15 отсто од возрасните луѓе во светот, односно повеќе од 750 милиони луѓе истакнале дека би сакале да се преселат во друга земја ако им се укаже шанса.

Во периодот меѓу 2013 и 2016 година процентот на возрасните што би ја смениле земјата на живеење бил 14 отсто, во периодот меѓу 2010 и 2012 бил 13 отсто, додека во периодот меѓу 2007 и 2009 рекордни 16 отсто од возрасните искажале желба да се преселат.

Првите три места од листата со региони, каде што во периодот од 2015 до 2017 година е забележан најголем процент на возрасни луѓе кои трајно би се преселиле, ги зазедоа Супсахарска Африка со 33 отсто (зголемување од 2 отсто од периодот од 2013 до 2016 година), Латинска Америка и Карибите со 27 отсто (зголемување за 4 отсто) и европските земји кои не се во Европската Унија со 26 отсто (намалување од еден процент за разлика од периодот меѓу 2013 до 2016 година). Потоа на листата следуваат Блискиот Исток и Северна Африка (24), ЕУ (21), Заедницата на Независни Држави (15), Северна Америка со 14 отсто (зголемување за 4 отсто за разлика од периодот меѓу 2013 до 2016 година) итн. На дното на листата се најде Југоисточна Азија од каде што само 7 отсто од возрасните би сакале да се иселат.

Фото: Gallup (screenshot)


Во 13 земји најмалку половина од возрасното население би сакало да се пресели во друга земја ако има шанса. Меѓу нив има и две балкански земји, Албанија и Косово.

На првото место е Сиера Леоне (71 отсто), на второто Либерија (66 отсто), на третото Хаити (63), а веќе на четвртото е Албанија со високи 60 отсто. Косово е на 13. место со 46 отсто, колку што има и во Сирија.

Фото: Gallup (screenshot)

Земјите каде што потенцијалните мигранти велат дека би сакале да се преселат генерално се исти во последните 10 години. Всушност, околу 18 земји привлекуваат две третини од сите потенцијални мигранти од светот. САД се први на листата. Еден од петмина потенцијални мигранти - или околу 158 милиони возрасни од целиот свет ги именуваат САД како нивно посакувано идно живеалиште. Потоа следуваат Канада, Германија, Франција, Австралија итн.

Фото: Gallup (screenshot)
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот