X
 19.02.2019 Технологија

Инфлуенсерите и понатаму губат милиони следбеници на „Инстаграм“

Проблемот со губењето следбеници на „Инстаграм“ сè уште не е решен, а причината за настанатата ситуација е бришењето на профилите што не се автентични.

Додека од популарната социјална мрежа ветуваат дека сè ќе се врати во нормална состојба за многу кратко време, инфлуенсерите и понатаму губат милиони следбеници.

Од „Инстаграм“ соопштија дека забележале отворање на голем број лажни профили поради „популарност“ на мрежата, поради што одлучиле да ги бришат сите неактивни профили, што ги вклучува и оние што немаат никакви постови, лајкови и коментари.

- Неодамна увидовме дека голем број профили се користат за вештачко зголемување на публиката на мрежата. Ќе почнеме да отстрануваме неавтентични профили, лајкови и коментари од профили што користат апликации од трета страна за да ја зголемат својата популарност. Спроведуваме неколку чекори за да го ограничиме овој вид несакано однесување. „Корисниците“ што ги идентификуваме со помош на овие услуги ќе добијат порака во апликацијата со која ќе бидат предупредени дека сме ги отстраниле неавтентичните профили. Исто така, ќе ги замолиме да го заштитат својот профил со промена на лозинката - истакнаа неодамна од „Инстаграм“.

Според најновите информации, „Инстаграм“ ветил дека проблемот ќе биде решен многу брзо.

Платформата, која е во сопствеништво на „Фејсбук“, веќе неколку дена ги известува корисниците за настанатиот проблем.

Потсетуваме, поради овој проблем голем број славни лица загубија милиони следбеници. Меѓу нив е и Кајли Џенер, која изгуби 2,5 милиона следбеници, а по милион следбеници загубија и Селена Гомез, Аријана Гранде и Кети Пери.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија