X
 12.04.2018 Технологија

И „Инстаграм“ ќе ви овозможи преземање на податоците како „Фејсбук“

По сослушувањето на извршниот директор на „Фејсбук“, Марк Закерберг, за тоа како компанијата управува со податоците на корисниците и како всушност се случила кражбата на лични податоци од страна на „Кембриџ аналитика“, „Инстаграм“, мрежа која е во сопственост на „Фејсбук“, најави дека наскоро ќе овозможи преземање на содржината што сте ја споделиле на платформата.

- Градиме нова алатка за пренос на податоци. Наскоро ќе можете да преземете копија од она што сте го споделиле на „Инстаграм“, вклучително и вашите фотографии, видеа и пораки - истакна портпаролот на „Инстаграм“.


Фото: Pixabay

Ова е првиот чекор за давање поголема контрола на корисниците над нивните податоци. Со ова се овозможува едноставен начин за преземање на содржината од „Инстаграм“, без разлика дали таа ќе се искористи за создавање лична архива или за префрлање на друга социјална мрежа.

Ова е слично на алатката „Преземи ги твоите информации“, која ја има на „Фејсбук“ уште од 2010 година и која нуди детален пакет од вашите интеракции на мрежата, а неодамна беше откриено дека ги вклучува и вашите пораки и повици.

Од „Инстаграм“ истакнаа дека наскоро ќе наведат повеќе детали за тоа што точно ќе содржи она што ќе го преземете и дали ќе вклучува нешта како листите на следбеници и лица што ги следите, коментари и друго.

Ова не е само добра волја на „Инстаграм“, туку и клучен чекор во почитувањето на Општата одредба за заштита на податоците на ЕУ, која откако ќе стапи во сила, следниот месец ќе го направи задолжителен преносот на податоци за такви сервиси.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија