X
 19.03.2020 Образование

Од наредната недела сите универзитети да применат онлајн-настава

Државните и приватните универзитети од наредната недела да воведат онлајн-учење, ова е еден од заклучоците по денешната средба на министерот за образование и наука Арбер Адеми со ректорите на УКИМ и на „Американ колеџ“, Никола Јанкуловски и Томе Неновски.

- Овој начин на реализација на наставата е изводлив, а практично дел веќе го применуваат не само сега, туку и вообичаено. Олеснителна околност е што станува збор за студенти кои имаат способност за работење со алатки и апликации, за разлика од малите, првачињата, за кои онлајн-наставата е прилично тешко решение - рече Адеми и додаде дека едукацијата ќе продолжи на најголем дел од образовните установи и со оглед на спремноста на професорите, верува дека ќе дадат личен придонес во текот на неделата онлајн-наставата да биде организирана на сите факултети.

Тоа ќе биде голема придобивка за студентите, а ние сме должни активно да дејствуваме за да обезбедиме да се одвиваат образовните процеси, додаде министерот.

Ректорот Никола Јанкуловски истакна дека веднаш по прекинувањето на класичната настава на УКИМ било воспоставено далечинско учење за речиси сите програми. 

- Веќе се во функција неколку видови платформи за далечинско учење. Исто така, имаме распоред за работа на администрацијата, со цел да се намали контактот помеѓу странките и вработените. Се најде решение кое ќе продолжи непречено функционирање, пред сѐ, на додипломската настава. Се дискутираа евентуалните проблеми во врска со испитите, но се надевам дека ќе најдеме решение и за тоа. Сите овие мерки што ги презема МОН и сите одговорни лица на универзитетите се во насока на непречено функционирање на дејноста од сите можни негови аспекти. Би сакал да напоменам дека пуштивме дневен ред за вонредна седница на Ректоратот за функционирање на универзитетот во вакви услови - изјави Јанкуловски.

Томе Неновски, ректор на „Американ колеџ“, истакна дека нивните студенти и наставен кадар веднаш почнале да ги користат алатките за далечинско учење.

- Ова се исклучително сериозни времиња и така и ние како сериозни раководни личности треба и да се однесуваме. Имаме две цели, здравјето на нашите студенти и вработени, а и да им обезбедиме непречен пат за совладување на образованието на нашите студенти. Убедени сме сите дека потребно е да воспоставиме бесконтактен систем за да се користат сите алатки за далечинско учење и да комуницираат со нас, професорите. Некои веќе го прават тоа, а некои допрва ќе почнат. Ние уште на 11 март донесовме одлука за прекин на наставата, меѓутоа, овој период не седевме со скрстени раце и презедовме мерки за да се одвива колоквијалната недела што ни е закажана за наредната недела. А од 30 март и наставата ќе продолжи. За тоа користиме стручни алатки што ги подготвија нашите тимови - рече Неновски.

Тој ја издвои апликацијата Moodle за подготвување на испитните прашања за студентите.
Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование