X
 09.07.2018 Образование

Бомбастично најавуваните промени во образование не се знае дали ќе почнат од 1 септември

Не очекувајте да експериментираме со нашите деца - нагласи министерот за образование и наука Арбер Адеми

Сѐ уште е неизвесно дали учениците од прво до трето одделение ќе имаат помал број часови, исто како и нивните наставници, извести денес министерот за образование и наука Арбер Адеми. Иако зимава на големо се најавуваа промени за новата учебна година, сепак, Законот за основно образование сѐ уште не е донесен. Во тек е подготовката на втората верзија на законот. Засега школската година ќе си почне според старите програми.



Министерот за образование и наука Арбер Адеми

Адеми е категоричен дека не сака да експериментира со децата и затоа внимателно се изработува законот.
- Во овој период ќе бидеме максимално посветени на овој закон. Во изминатите 30 дена дискутираме со меѓународни и домашни експерти за изнаоѓање на најдобрите законски решенија. Се работи за значаен закон, сепак, се работи за иднината на нашите деца. Измените подразбираа помал број часови, растоварување на програмата, воведување повеќе часови по физичко воспитување и спорт и ред други важни измени, за кои се очекува да го подобрат образованието во земјава.

- Јас не носам само политичка одговорност, ами и морална. Не станува збор само за намалување на часовите, Законот за основно опфаќа многу аспекти. Предвидено е намалување на бројот на часовите за наставниците. Ние нема да дозволиме тие да станат технолошки вишок. Обука, прирачници, учебници. Продолжување на зимски одмор... целата таа идеја ќе се рефлектира во новиот закон за основно образование – рече министерот.

Таму има многу прашања за кои треба малку повнимателно да зборуваме, додаде тој.
- Еве, на пример, за образованието на децата со посебни потреби, дали ќе имаме ресурсни центри или посебни училишта. Освен што треба да се споредиме со другите земји, некое решение може да функционира, ама треба да се земат спецификите. И со ОБСЕ, и со ЕУ, УНИЦЕФ сме разговарале за сето ова. Јас сакам заедно со нив и со експертската јавност да ги изнајдеме најдобрите решенија. Јас знам за кои решенија се двоумам. Не очекувајте да експериментираме со нашите деца! Задоволен сум од јавната расправа - посочи министерот.

Адеми истакна дека минатиот период го донеле Законот за поддршка на млади при купување музички инструменти, со што на младите музичари им се дава можност преку поврат на дел од средствата да купат музички инструмент. Ова се однесува на основните и средни државни музички училишта, како и академиите.

Адеми истакна дека од 1 септември дефинитивно ќе се воведе дуалното средно образование, за почеток во две стручни училишта, по примерот на германскиот систем. Овој систем ќе подразбира поголема пракса на учениците и полесно нивно вработување. Во наредните десет години ќе се спроведува и проект вреден 12.5 милиони евра, заедно со швајцарската амбасада во земјава. Ќе биде даден фокус на унапредувањето на формалното и неформалното образование.

Се работи на промени на содржините на учебниците, таму каде што имало потреба од корекции. Адеми истакна дека не е многу задоволен од повратната реакција на јавноста, односно од тоа колку забелешки биле дадени.

Во тек се подготовки за нов закон за средно образование. Донесени се решенија за нови учебници по неколку странски јазици, а италијанскиот јазик ќе биде воведен како втор изборен странски јазик во основните и средните училишта.
Дуалното образование подразбира поголема соработка со фирмите и поголема пракса за учениците, под менторство од компаниите. Министерот Адеми потсети дека босанскиот јазик станува дел од редовната настава во Македонија.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование