Тоа што ги злоупотребуваме мобилните телефони всушност е резултат на здравата човечка потреба за социјализација, која е вкоренета во еволуцијата.
Имено, според најново истражување, сите функции на паметниот телефон на кои сме зависни во својата основа ја имаат истата работа - комуникација и поврзување со другите луѓе. Според овие заклучоци, нашата зависност од паметните телефон всушност е хиперсоцијална, а не антисоцијална.
„Постои голема паника околу оваа тема. Ова што го донесуваме се добри вести бидејќи докажува дека нашата желба за човечка интеракција е онаа што ни создава зависност - а за тоа постојат релативно лесни решенија“, вели професорот Семјуер Весиер од одделот за психијатрија на Универзитетот „Мекгил“ во Канада.
Сите познаваме луѓе што не можат ни минута да издржат, а да не погледнат во телефонот, да ги проверат социјалните мрежи или да испратат порака на „Вибер“. Иако овие луѓе се сметаат за недруштвени, вистината е сосема поинаква, бидејќи работите ги гледаме сосема погрешно.
Професорот Весиер објаснува дека човечката потреба да ги гледа и надгледува другите, како и самите да бидат надгледувани, е длабоко вкоренета во нашата еволуција. Луѓето еволуирале во тоа да бидат социјални суштества и да бараат постојан инпут од другите. На тој начин луѓето пронаоѓаат смисла, цели и развиваат чувство за идентитетот.
Сепак, иако смета дека паметните телефони на луѓето им ја задоволуваат нормалната и здравата желба за социјализација, професорот Весиер се согласува дека може да стане нездрава навика.
„Сега, кога храната ни е насекаде достапна, ние копнееме по масти и шеќер. Бидејќи немаме мера, тоа лесно се развива во зависност, дебелина, дијабетес, проблеми со срцето. Така и сега - насекаде ни е достапна социјализацијата преку паметните телефони, но поради тоа, лесно можеме да развиеме манично хиперсоцијално однесување“, заклучува тој и додава дека постои решение.
„Исклучувањето на известувањата и одредување на времето што можеме да го
посветиме на проверување на содржините на телефоните е еден од начините за враќање на контролата над зависноста од паметните телефони. Исто така, добро би било да се воведе забрана за испраќање работни е-пораки навечер и во текот на викендот“, завршува тој.
Фото: Pixabay