Ангила, мала британска островска територија на Карибите, може да заработи до 30 милиони долари оваа година благодарение на својот домен „.ai“. Во текот на изминатата година зголемениот интерес за вештачката интелигенција го направи доменот особено привлечен за технолошките компании. Приходите се благодат за економијата на Ангила, која првенствено се потпира на туризмот и е тешко погодена од пандемијата.
Триесет милиони долари можеби не звучат многу во споредба со милијардите што се фрлаат на вештачката интелигенција овие денови, но со вкупна површина од 91 квадратен километар и население од 15.753, Ангила не се жали. Регистраторите на интернет-домени, како што е „Гоу деди“, мора да ѝ платат на Ангила фиксна цена од 140 долари за двегодишна регистрација на доменот, а цените се зголемуваат поради побарувачката.
Според процена на „Блумберг“, Ангила добила 7,4 милиони долари само од регистрации на домени кои завршуваат на „.ai“ во текот на 2021 година, а сето тоа се променило со излегувањето на „Чет-ГПТ“ минатата година. Ова предизвикало голем бран на возбуда, страв и инвестиции во вештачката интелигенција. Регистрациите на веб-страници со доменот на Ангила се удвоиле во изминатата година.
Додека некои експерти предвидуваат пад на „златната треска за вештачка интелигенција“, сепак влијанието врз економијата на Ангила е веќе значајно. Со приходот од регистрациите на доменот „.ai“ кој се проценува дека е значителен процент од бруто-домашниот производ на територијата (300 милиони долари во 2021 година), Ангила е пример за тоа како дури и една карипска островска држава може да има корист од глобалниот технолошки бум.
Извор:
Geek
Насловна фотографија: Pixabay