X
 19.04.2026 Технологија

„Палантир“ - најконтроверзната компанија во светот на вештачката интелигенција

„Палантир“ стана една од највлијателните, но и најмалку разбрани технолошки компании во светот. Како што се шири нејзиното влијание, така расте и бројот на прашања за тоа како функционираат нејзините алатки и кому му служат.

Нејзината технологија се користи во војни, но и во болници. Помага во операции што спасуваат животи, но и во оние што ги одземаат. Нејзините лидери се, зависно од тоа кого прашувате, или луѓе што ја разградуваат западната демократија или оние што ја спасуваат.

Добре дојдовте во парадоксалниот свет на компанијата „Палантир технолоџис“ - американска фирма за анализа на податоци чии клиенти се некои од најзатворените, но и најугледни организации во светот.

Ако се прашувате што е всушност „Палантир“ и со што се занимава, токму тоа е начинот на кој компанијата сака да функционира. Во медиумите често се опишува како мистериозна и таинствена. Таквиот имиџ, како што наведува новинарот Мајкл Штајнбергер во биографијата на директорот на компанијата, Алекс Карп, не е случаен, туку внимателно граден.

Сепак, тоа полека се менува. Карп сè поотворено зборува за работата на компанијата и тврди дека „Палантир“ заслужува поголемо признание. Истовремено, критиките стануваат сè погласни.

Во САД компанијата се соочува со критики поради соработка со имиграциската служба за време на администрацијата на Доналд Трамп. Во Велика Британија предизвикува загриженост договор вреден 330 милиони фунти со Националната здравствена служба, додека на Блискиот Исток дел од вработените и инвеститорите изразуваат незадоволство поради користењето на нејзините алатки од страна на израелската војска.

Што прави „Палантир“?

Компанијата развива софтвер способен да обработи огромни количини податоци и да пронајде обрасци и врски за кои на луѓето би им биле потребни недели или месеци за да ги забележат. Таквата технологија може да ѝ помогне на украинската војска да лоцира непријателска артилерија со помош на сателитски снимки и објави на социјалните мрежи, но и на Светската програма за храна на ОН да ја оптимизира распределбата на помош низ светот.

„Палантир“ има две главни групи на клиенти. Првата ја сочинуваат големи компании и државни институции, како „Бритиш петролеум“, „Кока-Кола“, британската национална здравствена служба или американската даночна служба. Во втората, многу поконтроверзна група, се војската, разузнавачките и безбедносните служби.

Компанијата е основана во 2003 година од Питер Тил, коосновач на „Пејпал“, со идеја дека подобрата размена и анализа на податоци меѓу разузнавачките агенции може да спречи напади како оние од 11 септември. Нејзината мисија на почетокот била одбрана на Западот, а веќе во 2005 добила почетни средства од инвестициски фонд поврзан со ЦИА.

palantir
Фото: Unsplash

Денес меѓу нејзините клиенти се американската војска, британското министерство за одбрана, украинската армија, израелските одбранбени сили, а и организации како ЦИА, ФБИ и Европол.

Не е јасно во кои операции точно учествува, но се знае дека нејзиниот софтвер понекогаш има и смртоносни последици.

Главната платформа на компанијата се вика „Фаундри“ и се користи во цивилниот и деловниот сектор, додека „Готам“ е наменет за разузнавачки служби и полиција. Овој систем поврзува податоци за луѓе, места и настани и може да обедини информации како полициски досиеја, регистарски таблици, финансиски податоци или физички карактеристики.

Една од клучните предности на „Палантир“ е способноста да обработува податоци без разлика на форматот - од видеоснимки и сателитски слики до стари бази на податоци. По обработката, информациите може да се прикажат преку графикони, мапи или текст, а можно е и симулирање различни сценарија.

За време на пандемијата на ковид, оваа технологија му помогна на британскиот здравствен систем да предвиди каде ќе има недостиг на заштитна опрема и да реагира навреме.

Сепак, заштитата на приватноста зависи од начинот на кој клиентите го користат системот. Иако софтверот овозможува контрола на пристап и евиденција на пребарувања, тие опции не се автоматски и мора активно да се применуваат. Поради тоа, „Палантир“ со години е под лупа.

Слични полемики постојат и во Велика Британија, каде што лекари и активисти предупредуваат на ризици од централизација на здравствените податоци. „Палантир“, пак, тврди дека сите обвинувања за нетранспарентност се неточни.

Поддршката за Израел и соработката со војската дополнително ги продлабочија поделбите меѓу вработените и инвеститорите. Некои фондови дури ги повлекоа инвестициите поради загриженоста за човековите права, што компанијата остро го негира.

И покрај сè, инвеститорите веруваат дека „Палантир“ влегува во фаза на голем раст. Компанијата лани потпиша 10-годишен договор со американската војска, вреден до 10 милијарди долари, а нејзината пазарна капитализација денес изнесува повеќе од 400 милијарди долари.

Алекс Карп верува дека ова е само почеток. Како што вели, таа во иднина би можел да стане десет пати поголема компанија.

Извор: Nova.rs
Фото: Unsplash

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија