Финска разви нова апликација за паметни телефони која има за цел да помогне да се намали бројот на ирваси кои страдаат во сообраќајни несреќи. Околу 300.000 ирваси слободно се движат по дивините на Лапонија, на северот на Финска. Се проценува дека секоја година околу 4.000 ирваси умираат од удар на автомобил на патиштата, а надоместоците кои сторителите ги плаќаат за ова дело се многу високи.
Повеќето несреќи се случуваат во текот на зимата, кога е потешко да се забележат животните. Неколкуте методи за намалување на бројот на убиени животни не успеаја, вклучувајќи прскање на нивните рогови со флуоресцентни бои, ставање на рефлектори околу нивниот врат и поместување на сообраќајни знаци за предупредување на ирвасите во согласност со нивното движење.
Последниот обид е воведување на апликација за паметни телефони, „Porokelo" што на фински значи „Ѕвонче за ирваси", а првите податоци укажуваат на тоа дека апликацијата дава резултати.
Минатиот месец биле снимени 300 несреќи помалку на патиштата во Лапонија во споредба со ноември лани.
Едноставната апликација им овозможува на возачите со еден клик на телефонот да регистрираат ирваси во близина на патот. Со помош на технологијата и навигациските системи на „GPS“ се создава предупредувачка зона од 1.5 километри, која трае еден час, а ги предупредува и другите корисници на апликацијата кога се приближуваат во таа област.
„Ако ирвасите се во близина, возачите успоруваат кога поминуваат низ зоната, а потоа може да продолжат да возат со нормална брзина - изјавил Како Јилнампа, директор на локалниот бизнис центар во Рованиеми, најголемиот град во Лапонија.
Проектот започна во јуни оваа година кога 1.000 бесплатни паметни телефони со инсталираната апликација беа доделени на професионални возачи, вклучувајќи ги и возачите на камиони, такси-возила и автобуси.
Марија Тимо-Хухтала, која помогнала во креирањето на апликацијата нагласила дека возачите сепак не смеат премногу да се потпираат на тој систем. Патиштата во Лапонија се добро покриени со системот, но не се 100 проценти, така што ирвасите може да се појават на патот и без предупредување.
Save