X
 15.05.2017 Технологија

Најголемата револуција во историјата на автомобилите

avtomobili
Фото: Thinkstock

Германија го ослободи патот на својата автомобилска индустрија и направи место за развој и тестирање на автономните автомобили.

Горниот дом на парламентот во Германија го одобри законот со кој се утврдуваат условите под кои овие возила може да излезат на германските автопати.

Германија е дом на некои од најголемите светски компании за автомобили вклучувајќи ги „Volkswagen“, „BMW“, а сите тие инвестираат во технологијата која министерот за сообраќај Александер Добринт ја гледа како најголемата револуција во овој сектор уште од појавата на автомобилите.

Новите прописи дозволуваат на патиштата да се тестираат овие автомобили, во кои возачите можат да не управуваат со воланот и да го тргнат погледот од патот за да сурфаат на интернет или да ја проверат е-поштата, додека возилото самостојно управува со контролите за движење и кочење.

Законот бара „црната кутија“ да ги евидентира податоците за патување и да регистрира дали возачот или авто-пилот системот на автомобилот е одговорен за сите активности за време на возењето.

Ова ќе биде од клучно значење во одредувањето на тоа кој е виновен во сообраќајните несреќи.

Според законот, возачот ќе биде одговорен за несреќата ако таа се случи во текот на неговото управување со возилото, но ако до несреќа дојде во случај кога автомобилот е управуван од авто-пилот, тогаш одговорноста е на товар на производителот.

Законот ќе биде ревидиран на секои две години во поглед на технолошкиот напредок, при што заштитата на податоци и употребата на податоци собрани во текот на возењето се клучни точки кои допрва треба да се разработат.

Компаниите од целиот свет работат на прототип на автономни автомобили, но ваквите возила не се очекуваат на масовниот пазар пред 2020 година.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија