X
 19.05.2020 Живот

Лондонците одат на фризер во Париз

Британците сѐ уште не можат да одат на фризер, но можат да одат до Франција за да се потстрижат.

Рестрикциите воведени поради коронавирусот полека се олеснуваат, но многу Британци се збунети околу тоа што можат, а што не можат да прават. А некои наоѓаат и мудри решенија.

Репортерот на „Еуроњуз“, Лук Ханрахан, не можел да се потстрижи во Лондон, па се качил во воз и отишол во Париз. Олабавените рестрикции значеле дека сепак можел да се потстрижи по неколку недели карантин.

- Она што е многу фрустрирачко за луѓето што живеат во Велика Британија се очигледните двосмислености во новите правила - контрадикции кои им дозволуваат на луѓето да патуваат каде што сакаат сѐ додека не преноќуваат - објаснува Лук.


За само неколку часа Лук успеал да добие нова фризура и да се врати назад во Лондон. Тоа не е најевтиното потстрижување што го добил, но сепак врши работа.

Франција дозволи фризерските салони да се отворат на 11 мај, само фризерите и клиентите да носат маски и да одржуваат социјална дистанца.

Во меѓувреме, шефот на британската дипломатија Доминик Рааб минатата недела изјави дека салоните нема да се отворат најрано до 4 јули.

Луѓето во Англија, кои не можат да работат од дома сега се охрабрени да им се вратат на бизнисите, но да го избегнуваат јавниот превоз. Рестрикциите за патување се олабавени, дозволени се прошетки и вежбање надвор, а училиштата би можеле да се отворат во јуни.

Но, советувањата за седење дома се уште се активни во останатите делови од Велика Британија - Шкотска, Велс и Северна Ирска - и поделбата предизвика збунетост и критики.



Водечките научни експерти велат дека олабавувањата на мерките дошле многу скоро.

- Изгледа се водени политички за да се отворат бизнисите. И владата некако ги остави бизнисите сами да одлучуваат што треба и не треба да прават луѓето. Владата треба да биде подиректна - истакна Гари Меклин, професор по молекуларна имунологија.


Истовремено, берберите не знаат што да прават и велат дека нема доволно јасни насоки што е дозволено да се прави.

Во меѓувреме, Британците кои не можат да си дозволат да одат во Париз за да се потстрижат, ќе треба да бидат трпеливи.

Извор: Euronews
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот