Од септември годинава децата на училишна возраст од селото Долно Блаце во Општина Чучер Сандево повеќе нема да посетуваат настава во друга држава, односно во погранично место во Косово каде што им е најблиското училиште, туку ќе учат во објект во нивното родно место кој сега го градиме и активностите се речиси завршени, соопшти МОН.
- Со оваа инвестиција ставаме крај на еден апсурд и на една неправда за наши ученици на кои државата треба да им обезбеди услови за настава, а не да ги принудува да учат надвор од нејзините граници - изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири при денешната посета на населбата Барди во Долно Блаце, каде што со буџет од 4,7 милиони денари Министерството за образование и наука гради подрачен објект на основното училиште „Михал Грамено“.
Новиот објект ќе започне со работа од идната учебна 2022-2023 година и ќе значи решение на проблемите со кои се соочуваат децата од ова населено место, кои со години посетуваат настава во училиште кое се наоѓа од другата страна на границата со Косово.