Научен тим од Американскиот геолошки институт и Универзитетот во Род Ајленд откриле дека тежината на џиновските облакодери во градот предизвикува пет населби во Њујорк да тонат по еден до два милиметри годишно.
Споменатиот тим ја анализирал тежината на 1.084.954 згради, вклучувајќи повеќе од 6.000 облакодери, од кои 247 се повисоки од 45 метри. Проблемот е двоен - облакодерите ја туркаат њујоршката почва поблиску до нивото на морето, а климатските промени го подигнуваат нивото на океанот.
Неколку милиметри годишно можеби не звучат катастрофално, но некои делови на Њујорк тонат многу побрзо, држејќи се во чекор со најбрзите познати стапки на движење на тектонските плочи на Земјата.
- Состојбата може да се влоши поради невремето - вели геологот и коавтор на истражувањето Том Парсонс од Геолошкиот институт на САД. Тој додаде дека проблемот со тонењето и зголемувањето на приливот и одливот во океаните во иднина ќе го изложи Њујорк на поголем ризик од поплави од разорните урагани, како Ајда и Сенди.
Островот нема целосно да биде потопен, барем не наскоро. Но, кога ги имате овие екстремни настани, може да почнете да гледате и поплави, вели Парсонс.
Авторите на новото истражување велат дека е потценета сериозноста на ситуацијата бидејќи нивното истражување не го зело предвид товарот на другите тешки градби како патиштата, бетонските тротоари, железничките пруги или преостанатиот дел од инфраструктурата на Њујорк.
Научниците прво ја пресметале вкупната маса на повеќе од еден милион згради во градот и дошле до бројка од 764 милијарди килограми. Со испитување на сета таа тежина, распоредена на мрежа од квадрати од 100 x 100 метри, тие биле во можност да ја преведат силата што притиска на дното на карпата под градот.
Тие потоа ги споредиле нивните пресметки со сателитски снимки кои можат да ги мерат промените во висината на површината на копното, мапирајќи ги тие отчитувања преку нивните процени низ градот за да го тестираат нивниот модел во однос на податоците од реалниот свет.
Научниците додадоа дека уште еден фактор што може да го влоши проблемот е сушењето и испумпувањето на подземните води.
Целта на истражувањето е да се подигне свеста дека секоја дополнителна висока зграда може да придонесе за ризик од поплави, вели Парсонс.
Фото: Freepik