X
 19.06.2018 Култура

Израелската вокалистка Дадо Дганит за почетокот на богатото Скопско лето

Хрватската „Крал Рикард Трети“ во режија на Александар Поповски ќе гостува на 22 јуни во Македонскиот народен театар




Светскиот ден на музиката, првиот ден на летото и отворање на фестивалот „Скопско лето“ ќе бидат поводи за концертот на израелската пејачка Дадо Дганит, на 21 јуни во 20:30 часот, во Македонската филхармонија. Дганит ќе настапи заедно со повеќе инструменталисти од оваа земја, а во вториот дел на концертот солистка ќе биде флејтистката Хефциба Зер Авив. Театарски претстави, концерти, промоции на книги ќе бидат дел од 39. омилена летна манифестација за скопјани, која традиционално трае 40 дена.

- Вратите ќе бидат широко отворени за креативноста. Се трудиме да го задржиме вашето внимание. Ќе имаме многу програми и за деца, а не се откажуваме и од посакуваната програма „Кафе кино“, која годинава ќе биде во Сули ан – рече директорот на „Скопско лето“, Никола Глигоров.
Израелскиот амбасадор во земјава, Дан Оријан, истакна дека културата на неговата земја речиси секоја година е дел од оваа манифестација.
- Секоја година сме тука. Годинава одбележуваме 70 години од независноста на Израел. Брчки имаме на лицето, ама се чувствуваме млади во духот. Се радувам што „Скопско лето“ ќе го отвориме токму со уметници од нашата земја. Дганит е голема уметница. Со Македонија имаме соработка во многу сфери, како што е и центарот за обучување на пилоти на хеликоптери – истакна Оријан.

Прва театарска претстава што ќе биде изведена во рамките на „Скопско лето“ ќе биде „Крал Рикард Трети“ во режија на Александар Поповски, а во изведба на театарот „Газела“ од Загреб. Претставата ќе биде изведена на 22 јуни во 21 часот во Македонскиот народен театар.

Сцена од „Крал Рикард Трети“

- Се радувам на „Скопско лето“. Моите почетоци се врзани со оваа манифестација и претстава во Куршумли ан. Одамна не сум имал мое гостување, последна беше „Дракула“ во 2002 година. „Крал Рикард Трети“ е од претходната сезона на „Гавела“. Работев со прекрасни актери, а особено е интересен Озрен Грабариќ, кој ја игра насловната улога - изјави Поповски.

Александар Поповски и Гоце Дртковски
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура