X
 19.06.2018 Живот

Како ќе се смени животот ако Кина стане светска велесила?

Кина е решена да стане следната светска суперсила. Таа веќе има планови за да се реализира тоа, а кинескиот претседател Си Ѓинпинг јавно изјави дека сака Кина да го предводи светот до 2050 година.

Ако Кина успее во своите намери, нашиот свет сосема ќе се промени. Влијанието на Америка ќе ослаби, а првпат во историјата најголемата светска сила ќе биде Народна Република Кина.

Не мораме да шпекулираме за тоа како ќе изгледа светот. Кина појасни дека сака да го измени светот и како тој би изгледал ако Кинезите бидат главни.

Еве неколку начини на кои светот ќе се промени ако Кина стане суперсила.

Африка ќе стане поголема светска сила


Подемот на Кина нема да биде добар само за Кина. Целиот баланс на моќ ќе се смени и една од најголемите разлики ќе биде поголемата моќ во Африка.

Не многу луѓе сфаќаат колку голема улога Кина веќе игра во Африка. Кинезите имаат инвестирано милијарди долари во континентот и планираат да потрошат уште. До 2025 година тие предвидоа дека ќе имаат испратено еден билион.

Западните земји имаат премногу морални сомнежи да инвестираат толку пари во земја каде што толку многу земји се под власта на диктатори. Американските пари претежно доаѓаат со барања за политички реформи или крај на свирепостите.

Но, на Кина не ѝ е гајле што прави Африка. Таа дава пари сè додека тоа е профитабилно за неа, а обично е. Кина вели дека шесткратно ѝ се враќа секој долар што го инвестира во Африка.

Африка веќе е еден од најблиските трговски партнери на Кина, а во замена за тоа Кинезите лобираат за повеќе африкански земји во ОН, што значи дека како што расте моќта на Кина, така и Африка ќе се искачува погоре.

САД ќе паднат во депресија


САД ќе бидат силно погодени кога ќе го загубат приматот на светска суперсила. Нема така мирно да се спуштат на второто место - тие ќе западнат во масовна економска депресија.

Моментално Америка е во одлична позиција бидејќи нејзината валута се користи во речиси целата меѓународна трговија. Но, Кина има намера да стави крај на американската лидерска позиција. Кинезите јавно ги кажаа плановите за замена на американскиот долар со кинескиот јуан, за кој тие сакаат да биде стандардот за меѓународната трговија. Ако се случи тоа, Америка ќе биде тешко погодена.

Во моментот кога доларот ќе го загуби епитетот на валута за меѓународна трговија, САД ќе паднат во депресија. Цените за увоз ќе се зголемат, оние за извоз ќе се намалат и голем број луѓе ќе ја загубат работата.

Нема да има веќе светски полицаец

И покрај паранојата кај некои луѓе, Кина веројатно нема да ја користи моќта за да го преземе светот и да ги принуди сите да бидат комунисти. Ако зделките на Кинезите со Африка се некој индикатор, Кина ќе работи нежно.

Кина има официјална политика на немешање во африканските влади. Тоа ќе биде една голема разлика со САД. Американската војска веќе не служи само за заштита на Америка, таа се смета за главна одбрана и на Европа.

Но, на Кина не ѝ е гајле за демократијата. И ако нејзината војска почне да станува посилна од американската, може да видиме крај на ерата на војници што преплавуваат помалку развиени земји.

Универзитетските професори ќе мора да предаваат лекции одобрени од државата

Кинезите можеби нема да бидат светски полицаец, но тоа не значи дека нема да се обидат да влијаат врз тоа како светот размислува. Тие едноставно преферираат да го направат тоа преку нешто што го нарекуваат „мека моќ“.

Дел од тоа се прави преку училиштата. Кина веќе се обидува да намами колку што е можно повеќе студенти на своите универзитети. Тие веќе привлекоа повеќе африкански студенти од САД и Велика Британија заедно, а особено ги таргетираат оние што имаат аспирации да станат политичари.

Во кинеските училишта наставниците добиваат инструкции да предаваат идеи одобрени од државата, особено туркајќи ги кинеските и комунистичките идеали. Ако Кина стане светска суперсила, има оправдани причини да се верува дека тоа ќе остане така, но сега таа ќе има влијание да намами идни политичари од секој дел од светот.

Кина веќе почна да влијае во странски училишта. Кинезите веќе отворија институти „Конфуциј“ во 1.500 различни училишта во 140 земји. Тоа значи дека ако имаат доволно моќ, нема да се променат само кинеските универзитети, туку дека на сите универзитети во светот ќе се учат лекции одобрени од Кина.

Историјата ќе се промени


Кинеската Комунистичка партија јавно ја објави намерата повторно да ја напише историјата. Во еден говор претседателот Ѓинпинг рече дека тој работи на подобрување на меѓународната комуникација за да можат да претстават вистински, мултидимензионален и панорамски приказ на Кина.

Кина е решена да ја замени светската перцепција за историјата со нивната. Кинезите сакаат, на пример, да ја разбијат перцепцијата дека подемот на комунизмот во Кина донел проблеми и да направат да изгледа поблаг.

Европа ќе опадне


По илјадници години на врвот на светот, моќта на Европа ќе се намали. Од 2000 година моќта на европските земји се намалува како никогаш порано, додека азиските се во подем. Во меѓувреме, Кина ги цементира партнерствата со земји од Азија и Африка, што може да значи дека центарот на светската моќ може да се префрли на источната хемисфера.

Предвидувањата што може да се случи ако Кина стане светска велесила одат дотаму што се вели и дека Јапонија ќе биде отсечена од меѓународното општество, дека ќе има инвазија на Тајван, како и дека може да има војна меѓу Кина и САД, но сето ова се само претпоставки за кои треба да оставиме времето да покаже дали ќе се остварат.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот