X
 15.03.2022 Наука

САД одобрија да се пуштат милијарди генетски модифицирани комарци

Освен што предизвикуваат неудобност поради убодите, комарците може да шират болести. Една компанија се обидува да направи нешто во врска со тоа и има одобрување од Владата на САД. Американската агенција за заштита на околината ги одобрила плановите од биотехнолошката компанија „Окситек“ да се пуштат милијарди генетски модифицирани комарци во Флорида и Калифорнија во борба против болестите што ги пренесуваат комарците.

Компанијата ќе пушти 2,4 милијарди генетски модифицирани комарци во два периоди до 2024 година. Ќе бидат пуштени машки комарци кои биле генетски модифицирани за да содржат протеин кој по размножувањето ќе ги убива новородените женски комарци кои ги касаат и заразуваат луѓето со болести.


Фото: Pixabay

Научниците се надеваат дека на овој начин ќе се намали пренесувањето на болести преку комарците. Меѓутоа, не се согласуваат сите со методот. Според некои експерти, генетски модифицираните комарци може да предизвикаат повеќе здравствени и други проблеми во околината отколку што ќе решат.

Освен тоа, експериментот можеби е непотребен бидејќи болестите што се пренесуваат од комарците најчесто не се присутни во САД, а би можело и да се создадат хибридни комарци што ќе бидат поагресивни.

Од компанијата тврдат дека нивните експерименти се безбедни за луѓето и инсектите и дека борбата против болестите што се пренесуваат со комарците е важна. Во минатото успешно бил спроведен помал експеримент за генетско модифицирање на комарци со гени кои го спречуваат заразувањето со маларија.

Извор: Interesting engineering
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука