X
 19.06.2018 Живот

Научниците ја решија вековната мистерија за статуите на Велигденскиот Остров

Некои од познатите статуи на Велигденскиот Остров на главата имаат црвени капи кои се нарекуваат „пукао“. Капите се направени од црвен камен од каменолом кој се наоѓа на другиот крај на островот и изгледа како да се додадени откако биле направени скулптурите.

Зошто и како тие црвени капи, тешки 12 тони, се нашле на статуите високи четири метри, е нешто што веќе долго време ги мачи научниците. По многу години нагаѓање, археолозите од Државниот универзитет во Пенсилванија дошле до можните техники со кои капите биле поставени на врвовите на статуите.

- Имаше многу идеи, но ние први изнесуваме претпоставка која користи археолошки докази - вели студентот по антропологија Шон Хиксон.

Во 13 век островот бил населен од полинезиските морнари. По по пристигнувањето на брегот, тие минале два века градејќи ги гигантските статуи од камен со вулканско потекло.

Експертите сѐ уште се расправаат околу тоа, но сега е општо прифатено дека тие монолити од каменоломот се префрлани со лулање од едната страна на другата (на пример, како кога поместувате мебел). Но, каменоломот од каде што е ваден светлоцрвениот вулкански камен од кој се направени капите е оддалечен 12 километри.

Истражувањето се согласува со тезата дека капите се ставени откако биле завршени статуите, што значи не пред 15 или 16 век, веројатно дури откако ги дотуркале од каменоломот во груб облик, па на самото место ги обработиле.

Се претпоставува дека тоа е точно бидејќи таков камен е најден на патот од каменоломот кон статуите.

За да можат да го кренат каменот тежок 12 тони и да го постават на статуите, градителите користеле рампи. Современите методи на примена на фотограметрија и 3Д-технологија посочуваат на вдлабнувања на базите на камењата, кои сугерираат дека капите не можеле едноставно да се туркаат со рампа.

ostrovi
Фото: Freepik

Наместо тоа, научниците тврдат дека преку големите рампи, на врвот на исправените статуи, капите се тркалале со помош на коноп кој и денес се користи за кревање тешки работи. Ротациониот лост им овозможил релативно лесно да ги креваат тешките предмети до рампата. За извршување на тој процес, според научниците, биле потребни помалку од 15 силни работници.

Зошто се правело сето ова, останува непознато. Мнозинството научници веруваат дека капите се користеле за разликување на статуите или за означување одреден статус.

Се претпоставува дека тие со капи биле од повисок статус и имале поголема важност во обредните церемонии. Се смета дека капите ја претставуваат косата замотана на темето.

Меѓутоа, едно е сигурно. Ставањето на капата на врвот на статуата не било ниту малку лесна задача и сигурно за градителите имало длабоко значење.
Подготвил: Билjана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот