X
 19.06.2019 Живот

До 2050 година на Земјата ќе живеат 9,7 милијарди луѓе

Бројот на жители на нашата планета до 2050 година би требало да достигне 9,7 милијарди, со тоа што двојно ќе се зголеми бројот на жители на Супсахарска Африка, наведуваат Обединетите нации во неодамнешниот извештај.

Во своите предвидувања ОН очекуваат дека до 2100 година на Земјата ќе живеат 11 милијарди луѓе. Во извештајот „Перспективи на светското население“ се потврдува продолжувањето на стареењето на светското население поради растот на очекуваниот животен век и падот на плодноста.

naselenie
Фото: 123RF

Расте бројот на земји со демографски пад


Расте бројот на земјите што ќе имаат демографски пад, наведува Одделот за економски и социјални прашања на ОН што го објави извештајот. Од 2010 година 27 држави изгубиле 1 отсто од бројот на своето население, а причината за тоа е падот на наталитетот.

Понатаму, ОН предвидуваат дека од 2019 до 2050 година бројот на жители во Кина ќе се намали за 31,4 милион, што е приближно намалување од 2,2 отсто.

Прилив на мигранти


Во одредени земји се очекува во оваа деценија приливот на мигранти да компензира за депопулацијата предизвикана од стареењето и намалувањето на стапката на наталитет. Меѓу тие земји се: Белорусија, Естонија, Германија, Унгарија, Италија, Јапонија, Русија, Србија и Украина.

До 2050 година повеќе од половина од светскиот раст на населението ќе се одвива во девет држави: Индија, Нигерија, Пакистан, Демократска Република Конго, Етиопија, Танзанија, Индонезија, Египет и САД.

Индекс на наталитетот


Индексот на наталитетот, кој од 3,2 деца по жена во 1990 година падна на 2,5 во 2019 година, би требало да продолжи да паѓа на 2,2 деца по жена во 2050 година.

Овој процент се приближува до наталитетот 2,1 деца по жена, неопходен за промена на генерациите за да се избегне долгорочна депопулација во случај на недостиг на имиграција, наведува ОН.

Во однос на животниот век, жителите на најсиромашните земји продолжуваат да живеат седум години помалку од светскиот просек.

Животен век

Очекуваниот животен век би требало да изнесува 77,1 години во 2050 година, во споредба со сегашните 72,6 години, се наведува во извештајот.

Во 1990 година очекуваниот животен век изнесувал 64,2 години.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот