X
 08.03.2019 Здравје

Животниот век на човекот е подолг, но од што умираат луѓето денес?

Денес, луѓето во светот живеат многу подолго отколку пред 70 години. Просечниот животен век во 1950 година бил 46 години, а во 2015 година се искачил на 71 година.

Во некои земји напредокот не бил секогаш добар. Болести, епидемии и неочекувани настани се потсетник дека продолжувањето на животниот век не може да се земе здраво за готово.

Во меѓувреме, за многу од нас смртта стана важна тема. Без оглед на тоа што помалку од 0,5 отсто од луѓето умираат од тероризам, во војни или од природни катастрофи, и понатаму многу умираат премлади или од причини што би можеле да бидат спречени.

Околу 56 милиони луѓе во светот починале во 2017 година. Тоа е 10 милиони повеќе отколку во 1990 година, но треба да се земе предвид дека во меѓувреме бројот на жители на Земјата се зголеми, исто како и просечниот животен век.

zdravje
Фото: Getty Images


Повеќе од 70 отсто од луѓето умираат од хронични болести. Сепак, најголемите, поединечни убијци се кардиоваскуларните болести кои ги напаѓаат срцето и артериите и се одговорни за секоја трета смрт. Од кардиоваскуларни болести умираат дупло повеќе луѓе отколку од рак, вториот најголем причинител на смрт, од кој умира секој шести човек во светот.

На врвот на листата смртоносни се уште некои незаразни болести, како дијабетесот, респираторните болести и деменцијата.

Она што е шокантно е бројот на луѓето што и понатаму умираат од болести што можат да се излекуваат. Околу 1,6 милион луѓе во светот во 2017 година умреле поради дијареја, со што оваа болест е сместена во првите десет смртоносни болести. Во некои земји, особено во Африка и Азија, таа е еден од најголемите причинители на смрт.

Кога станува збор за бројот на починати новороденчиња во 2017 година, нивниот број изнесува поразителни 1,8 милион. Во оваа категорија спаѓаат сите бебиња што живееле помалку од 28 дена.

Фреквенцијата на смртност на бебињата варира од земја до земја. На пример, во Јапонија едно од 1.000 новороденчиња умира во првите 28 дена од животот, додека во некои од најсиромашните земји оваа статистика е катастрофална - едно од 20 бебиња.

Сообраќајните несреќи си го земаат својот данок во најбогатите и најсиромашните земји - 1,2 милион луѓе во 2017 година. Додека во високо развиените земји бројот на смртни случаи во сообраќајни несреќи се намалил во последните децении, на светско ниво овој број останал ист.

Кога станува збор за другите видови смртни случаи, речиси дупло повеќе луѓе во светот се самоубиваат отколку што се убиени. Еден од рекордерите е Велика Британија, каде што овој однос е 16:1, а најмногу животот си го одземаат мажите на возраст помеѓу 20 и 40 години.

Што ни кажува видот на смртта?

Причините за смрт на луѓето одвреме-навреме се менуваат, во зависност од тоа како се развива нивната земја. Во минатото заразните болести имале поголема улога отколку што имаат сега. Во 1990 година еден од три смртни случаи бил од инфективни болести, а во 2017 година овој однос бил еден од пет. Посебно ранлива категорија, кога станува збор за инфективните болести, се децата. Во 19 век секое трето дете во светот умирало пред да наполни пет години.

Денес ситуацијата е многу подобра, најмногу благодарение на вакцините, подобрите хигиенски услови, исхраната, здравствената заштита и пристапот до чиста вода. Но, и тоа варира во зависност од развиеноста на земјите. Во богатите земји смртта на децата поради некоја инфекција е релативно ретка, додека во најсиромашните региони во светот бројот на смртни случаи кај децата одговара со детскиот морталитет во Велика Британија или Шведска во првата половина на 20 век.

Падот на глобални смртни случаи кај децата е еден од најголемите успеси во модерното здравство. Бројот на деца што умираат секоја година се преполовил во изминативе неколку децении, како што стануваме подобри во борбата против заразните и инфективните болести.

Но, неочекувани настани може да го влошат бавното подобрување на здравјето на луѓето.

Во 80-тите години кризата со ХИВ/СИДА беше виновник за влошувањето. Епидемијата можеше да се почувствува низ сите региони во светот, но најголемо влијание имаше врз Супсахарска Африка. Благодарение на агресивната медицинска терапија, бројот на починати луѓе од оваа болест се преполови во последната деценија.

Општата слика е позитивна: денес живееме подолго од кога било и многу помалку луѓе умираат од излечиви болести. Барем кога станува збор за глобалниот план и статистиката. Но, вистина е и дека нè чека долг пат.

Потребни се подобрувања во хигиената, исхраната, вакцинацијата и основната здравствена заштита. Откривањето на тоа од што умираат луѓето е суштински важно ако сакаме да продолжи овој неодамнешен напредок.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје