X
 19.06.2022 Живот

Наставник остава празно столче во училницата, причината е трогателна

Наставниците прават многу повеќе отколку предавањето лекции. И иако нè учат да читаме, пишуваме, решаваме равенки, некои наставници одат чекор подалеку и нè учат како да бидеме луѓе.

Наставниците се едни од највлијателните луѓе во животот на учениците. Ден Гил, наставник по општествени науки во средното училиште „Гленфилд“ во Монтеклр, Њу Џерси, сериозно ја користи можноста позитивно да влијае врз младите умови.

По 52 години настава, тој знае како да допре до неговите ученици.

- Една од моите задачи е сложените теми да им ги направам значајни на децата. Децата добро работат со симболи - вели тој и токму поради тоа, 52 години чува празен стол во центарот на неговата училница.

Во 80-тите години, при лекција за движењето за човечки права за Денот на Мартин Лутер Кинг Џуниор, Гил првпат им споделил приказна на неговите ученици за една длабоко вознемирувачка средба што тој и еден пријател ја доживеале во текот на 50-тите. Тогаш, 9-годишниот Гил, белец, и неговиот најдобар пријател Арчи, од афроамериканско потекло, отишле на роденден во зградата каде што живеел Гил. Кога заѕвониле на ѕвончето, мајката на детето кое правело забава ги погледнала двете момчиња и му рекла на Гил дека нема повеќе столчиња. Збунетиот Гил се понудил да седне на подот или да земе повеќе столчиња. Жената повторила дека нема повеќе столчиња, а двете момчиња сфатиле дека Арчи не е добредојден бидејќи е Афроамериканец. Гил и Арчи си заминале во солзи, и тоа било момент што Гил никогаш не го заборавил.

столче
Фото: Twitter

- Ставив стол во мојата училница за секој што доаѓа исполнет со очекување да се чувствува добредојден - вели тој.

Столчето и она што го симболизира е основата што го води Гил како наставник и како личност и е причината што тој ги учи своите ученици за важноста да преземат одговорност за тоа како се однесуваат со другите луѓе.

- Не можеме сите да станеме претседатели. Не можеме сите да станеме сенатори, но ако се трудиме и внимаваме како се однесуваме со другите луѓе, тогаш ќе имаме подобар свет - вели Гил.

Гил вели дека пораката се шири кога неговите ученици го прашуваат секој посетител во училницата: „Дали знаете зошто го имаме тоа столче? Тоа е потсетник дека сите можеме подобро.“

Гил се преселил од Њујорк во Монтклер како нов професор и одиграл важна улога во интегрирањето на јавните училишта во градот. Средното училиште „Гленфилд“, каде што предава Гил, станало модел за десегрегација.

Иако Гил планира да се пензионира по учебната 2022/2023 година, тој ќе продолжи да ја шири пораката преку неговата идеја за книга со наслов „Нема повеќе столчиња“. Планира книгата да му биде посветена на Арчи, кој починал минатата година. Откако ја изгубил врската со својот најдобар пријател од детството, Гил го нашол семејството на Арчи на социјалните мрежи и сака да стигне до ќерката на Арчи. Тој се надева дека таа може да биде дел од процесот на раскажување на неговата приказна.

Книгата ќе биде продолжение на поминатите 52 години: помагање на децата да учат, да ги истражуваат своите интереси, да ги почитуваат другите и да веруваат во себе.

- Исто како да садиш растение, па гледаш како расте. Се обидувате да го исчистите од плевелот за да преживее и да не венее низ предизвиците на животот - вели Гил.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот