Психолошко истражување направено во Германија во текот на 80-тите години открива дека мажите што ги бакнувале своите сопруги пред да одат на работа живееле во просек пет години подолго од мажите што не ги бакнувале сопругите.
Д-р Артур Сабо, професор по психологија на Универзитетот во Кил, собрал податоци од десетици лекари, психолози и водечки германски осигурителни компании.
Мажите што ги бакнувале своите сопруги заработувале од 20 до 35 отсто повеќе и помалку користеле боледување отколку оние што ги оставале сопругите без бакнеж за збогум. Во истото истражување примероците од 110 најголеми индустриски менаџери во Германија покажуваат дека 87 отсто од оние што заминувале на работа по бакнувањето на сопругите имале зголемување на платите и ги задржале нивните менаџерски позиции. Истото истражување откри дека оние што не ги бакнувале сопругите пред заминување наутро имале значително поголема веројатност за сообраќајна несреќа.
- Мажите што наутро заминуваат на работа без да ги бакнат сопругите го прават тоа или затоа што се расправале или бидејќи полека се оддалечуваат. Во секој случај, сопругот го почнува денот со негативен став. Тој има тенденција на промена на расположението. Додека мажите искажуваат рамнодушност кон своите жени, речиси сите од нив се залажуваат себеси. Дури и ако еден маж престанал да ја сака својата жена, кај него и понатаму влијае нејзиниот став. Нашето истражување го докажува ова. Сопругот што ја бакнува сопругата секое утро пред да оди на работа го почнува денот со позитивен став. Неговото чувство на хармонија се рефлектира физиолошки и ментално - вели д-р Сабо.
Психолозите што ги анализирале податоците не веруваат дека самото бакнување има таков значаен исход; тие велат дека позитивниот став е оној што е поврзан со здрав начин на живот. Од истражувањето е сосема јасно дека силната врска што доаѓа од редовното бакнување не промовира само емоционална благосостојба, туку и физичко здравје.
За време на бакнувањето сензациите одат директно во лимбичкиот систем, кој е дел од мозокот поврзан со љубов, страст и копнеж. Како што нервните импулси патуваат од усните, јазикот, мускулите на лицето и кожата, се произведува „љубовен коктел“ во телото предизвикувајќи занесеност. Љубовниот коктел е составен од невротрансмитери и хормони, вклучувајќи ги допаминот, окситоцинот, серотонинот, адреналинот и ендорфинот.
Бакнувањето е форма на комуникација што може да ги надмине зборовите и да пренесе чувство на благодарност, доверба, поддршка, поврзаност, безбедност и љубов. Бакнежите за добро утро, добра ноќ, бакнежите за здраво и збогум, бакнежите за предигра, бакнежите во текот на сексот и сочните бакнежи - сите се добри.
Кога станува збор за бакнувањето, повеќе дефинитивно е подобро.
Бакнувањето може да ги обнови емоционалната благосостојба и физичкото здравје, а и да влијае на долговечноста.