X
 15.06.2024 Живот

Во овие земји работниците најмногу напредуваат

Повеќето од нас поголемиот дел од животот го поминуваме на работа, па не е изненадување што нашите работни места може да имаат големо влијание врз менталното здравје и благосостојбата.

Додека работата може да додаде стрес, тага и гнев во нашите животи, некои луѓе наоѓаат исполнување, цел и среќа во неа.

Според извештајот на „Галуп“ за состојбата на глобалното работно место за 2024 година, 34 отсто од испитаниците во истражувањето на глобално ниво велат дека „просперираат“, додека 58 отсто велат дека „се борат“. Околу 8 отсто од анкетираните на глобално ниво признаваат дека страдаат на работа.

Оние што напредуваат пријавуваат значително помалку здравствени проблеми и помалку грижи, стрес, тага, осаменост, депресија и гнев. Тие известуваат за поголема среќа, енергија, интерес, надеж и почит, пишува во истражувањето кое се заснова на целокупната животна евалуација, која ги комбинира перцепциите на испитаниците за тоа каде стојат сега и во иднина.

Истражувањето се обиде да ги процени менталното здравје и благосостојбата на вработените и да го измери ангажманот преку позитивни искуства, како што се просперитет и уживање, како и негативни искуства како стрес, лутина, грижа, тага и осаменост.

Светската анкета на „Галуп“ ја испита возрасната популација во повеќе од 160 земји и области низ целиот свет. Податоците за овој извештај, собрани во 2023 година, вклучија резултати од повеќе од 128.000 вработени испитаници.

Ова се 10. земји со најголем процент на луѓе што велат дека напредуваат, според истражувањето на „Галуп“.

Финска: 83%
Данска: 77%
Исланд: 76%
Холандија: 71%
Шведска: 70%
Израел: 69%
Норвешка: 67%
Костарика: 62%
Белгија: 60%
Австралија: 60%

Европските земји доминираа на листата, така што седум европски земји се најдоа на првите 10 места. Регионот забележа најмал процент на вработени кои рекоа дека aктивно бараат нова работа и втор најмал процент на вработени што доживуваат секојдневна тага.

Исто така, Европа забележа најмал регионален процент на ангажирани вработени, со 13 отсто, но регионот е познат по својата силна заштита на работната сила.

Спротивно на тоа, САД се рангирани пониско во однос на заштитата на трудот, но се најдоа на повисоко место за ангажирањето на вработените.

Австралија е меѓу првите 10, со тоа што 60 отсто од испитаниците рекле дека просперираат, а 21 отсто рекле дека се ангажирани на работа. Во Костарика 62 отсто од испитаниците изјавиле дека просперираат, додека 34 отсто рекле дека се ангажирани на работа.

Иако Азија заостанува зад Европа, ова се првите 10. земји во регионот каде што најголем процент од испитаниците рекле дека напредуваат:

Виетнам: 51%
Тајван: 41%
Сингапур: 39%
Тајланд: 37%
Филипини: 36%
Кина: 36%
Јужна Кореја: 34%
Малезија: 31%
Јапонија: 29%
Монголија: 29%

- Кога вработените сметаат дека нивната работа и работните односи се значајни, работното место е поврзано со високи нивоа на секојдневно уживање и ниски нивоа на сите негативни дневни емоции. Забележително, половина од вработените што се ангажирани на работа севкупно напредуваат во животот - пишува во извештајот.

Одговорноста не лежи само во вработениот, туку зависи и од организациите. Кога компаниите ќе ја вградат потребната заштита на трудот и ќе ангажираат силни, ангажирани и добро обучени менаџери, вработените можат да напредуваат и на работното место и во животот.

Извор: CNBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот