X
 19.07.2019 Култура

Дали големите холивудски ѕвезди се преголеми за телевизијата и интернетот?

Големите холивудски ѕвезди често им вртеа грб на малите екрани, но неодамнешните потези на Мерил Стрип и Џорџ Клуни навестија дека работите почнуваат да се менуваат. А можеби и не...

Со три освоени „Оскари“, Мерил Стрип, една од водечките претставнички на старата гарда на Холивуд, долго време беше пример за филмска икона што никогаш не глумела во серии. Но, таа неодамна ѝ се приклучи на екипата од серијата „Големи мали лаги“, каде што во втората сезона ќе глуми мајка на еден од главните ликови.

Од друга страна, Џорџ Клуни, кој со години низ улогите на големото платно се обидуваше да се ослободи од ликот на доктор Рос од серијата „Ургентен центар“, сега на малите екрани се врати во мини-серијата „Квака 22“ глумејќи го поручникот Шајскопф.

И Шон Пен, кој веќе се има појавено во серија, наскоро ќе се појави во уште една со наслов „Американски лав“. Меѓу актерките што во последно време се присутни на телевизија и на стриминг-платформите се Џулиен Мур во серијата „Приказната на Лајзи“, Џулија Робертс во „Враќање дома“ и Ејми Адамс во серијата „Остри предмети“.

bred pit
Фото: Instagram

Оваа промена на размислувањето на познатите актери не треба да изненадува имајќи го предвид значителниот пораст на квалитетот на вкупната продукција на сè поголемиот број серии. Но, ништо од тоа не се случи одеднаш.

Фактот дека во Холивуд долго време се водеше борба на актерите над 40 години да им се доделуваат пристојни улоги што ќе им одговараат, многу актери ги натера да се насочат на медиумите што полесно можат да ја привлечат пошироката женска публика. Исто така, за денешниот Холивуд може да се стекне впечаток дека филмовите што излегуваат оттаму или суперхеројските блокбастери, како „Одмаздници“, или претерано уметничките филмови се неприфатливи за пошироката публика.

Џулија Робертс во 2001 година доби „Оскар“ за улогата во филмот „Ерин Брокович“, но денес, кога повеќе не се создаваат вакви филмови, тука е престижната серија во продукција на „Нетфликс“.

Исто така, улогите во сериите, особено оние за онлајн-платформите, на познатите актери им носат нова и, пред сè, помлада публика.

И покрај тоа, некои актери и понатаму одбиваат да му се приклучат на овој тренд. Меѓу нив се Бред Пит, Том Хенкс, Џони Деп и Том Круз, кој цврсто се држи за големиот екран со продолженијата на неговите хит-филмови „Топ ган“ и „Невозможна мисија“.

Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура