X
 19.07.2020 Наука

Погледнете ја фотографијата направена од најблиската точка до Сонцето досега

Нови слики од Сонцето направени на само 77 милиони километри од неговата површина се првите фотографии направени со камера од најмало растојание досега.

Фотографиите потекнуваат од сондата „Сончев орбитер“ на Европската вселенска агенција, која беше лансирана на почетокот на оваа година. Сондата снимила мини-блесоци наречени „логорски оган“, а станува збор за милионитит дел од големината на гигантските блесоци на Сонцето што рутински ги следат телескопите на Земјата.

Сепак, не се знае дали овие минијатурни верзии ги водат истите механизми. Но, тие би можеле да бидат вклучени во мистериозниот процес на греење што ја прави надворешната атмосфера на Сонцето далеку потопла од нејзината површина.

- Сонцето има релативно ладна површина од околу 5.500 степени и е опкружено со супер топла атмосфера од повеќе од еден милион степени - објаснува научникот Даниел Милер од Европската вселенска агенција.

sonce
Фото: ЕSA & NASA
 
Без оглед на улогата на мини-блесоците, тие се прилично мали, што може да објасни зошто биле незабележани до овој момент, вели Дејвид Бергманс од Кралската опсерваторија на Белгија и главен истражувач на екстремната ултравиолетова камера на сондата.

Сателит на Европската вселенска агенција беше испратен на ракета од Кејп Карневал во САД во февруари. Неговата мисија е да ги открие тајните на динамичното однесување на нашата ѕвезда.

Емисиите на Сонцето имаат големи влијанија врз Земјата и тоа не се само за обезбедување светлина и топлина.



- Навистина е важно да научиме нешто повеќе за Сонцето за да го предвидиме неговото време, неговото вселенско време, на ист начин на кој научивме како да го правиме тоа овде на Земјата - вели Каролин Харпер, шеф за вселенска наука во Вселенската агенција на Велика Британија.

Инструментите на „Соларниот орбитер“ ќе им помогнат на научниците да ги откријат деталите за тоа што го предизвикува динамичкото однесување на Сонцето.

„Соларниот орбитер“ постепено ќе се доближува до Сонцето додека стигне на помалку од 43 милиони километри оддалеченост. За споредба, Земјата е околу 149 милиони километри оддалечена од Сонцето.

Иако новите фотографии се направени од најблиска точка, тие ја немаат највисоката резолуција.

- „Сончевиот орбитер“ не се приближува до Сонцето само за да добие слики со поголема резолуција: се приближува за да навлезе во различен, помалку турбулентен дел од Сончевиот ветер, проучувајќи ги честичките и магнетното поле, истовремено земајќи далечински податоци на површината на Сонцето. Ниту една друга мисија или телескоп не може да го направи тоа - вели Марк Мекауреан, висок советник во Европската вселенска агенција.

Холи Гилберт, научник за „Соларниот орбитер“ во Американската вселенска агенција, најголемиот партнер на Европската вселенска агенција, е воодушевена од напредната наука.

- Ако веќе направивме откритија уште со првите направени фотографии, замислете што ќе откриеме кога ќе се приближиме од Сонцето. Навистина возбудливо - рече таа.

Извор: ВВС
Фото: ESA & NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука