X
 21.04.2021 Наука

Создаден тест за крв што може да покаже колку сте депресивни

Научниците успеале да развијат тест на крвта кој ги анализира биомаркерите поврзани со нарушувања на расположението, што може да биде пресвртница во начинот на дијагностицирање и лекување депресија и биполарно растројство.

Иако депресијата е позната со векови и влијае врз стотици милиони луѓе во светот, традиционалната дијагноза сепак зависи од клиничките процени на лекарите, психолозите и психијатрите.

Биомаркери поврзани со нарушувања на расположението

Во новото истражување експертите идентификуваа 26 биомаркери во крвта на пациентите кои се варијабилно поврзани со зачестеноста на нарушувања како депресија, биполарно растројство и манија.

test
Фото: Freepik

- Биомаркерите можат да бидат важна алатка за оние нарушувања во кои субјективната перцепција на индивидуата или клиничкиот впечаток на здравствен работник не е целосно сигурен - вели психијатарот Александар Б. Никулеску од Универзитетот во Индијана.

- Овие крвни тестови можат да ја отворат вратата за точно и објективно следење на одговорот на третманот -  додаде тој.

Научниците работеле четири години на истражувањето и набљудувале стотици пациенти во медицинскиот центар „Ричард Л. Рудебуш“, а спровеле низа тестови за да ги идентификуваат биомаркерите на генската експресија кои можат да бидат поврзани со нарушувања на расположението.

1
Д-р Александар Б. Никулеску/Фото: Liz Kaye/Indiana University

Некои биомаркери се поврзани со депресија, а некои со биполарно растројство


Тие зеле крв од оние депресивни пациенти што се согласиле да учествуваат во истражувањето за време на сите средби со нивниот психијатар и ги следеле нивните промени во расположението. Потоа ги споредиле овие примероци на крв со базата на податоци собрани од 1.600 истражувања за генетика кај луѓето, експресија на гени и изразување на протеини и идентификувале 26 биомаркери кои можат да бидат поврзани со депресија и слични болести.

Во последната фаза од истражувањето, на друга група психијатриски пациенти научниците се обиделе да утврдат дали можат да ги користат овие 26 биомаркери за да го утврдат нивното расположение, депресија и манија.

Откриле дека 12 биомаркери се силно поврзани со депресија, шест со биполарно растројство и два со манија.

Иако ова е научно потврден концепт и не е познато кога овој тест може да биде широко користен, научниците се надеваат дека нивните резултати ќе ја убедат психијатриската заедница дека точната медицинска дијагноза може да игра улога во лекувањето на депресијата.

- Ова е наш обид да ја преселиме психијатријата од 19 век во 21 век - вели Никулеску.

Истражувањето наречено „Прецизна медицина за нарушувања на расположението: објективна процена, предвидување ризик, фармакогеномика и пренаменети лекови“ е објавено во списанието „Молекулар псајкајатри“.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука