Во непознато списание од 1973 бил објавен текст со совети за младите Југословенки што се подготвувале за летување на море. Очекувано, во текстот се зборува и за љубовни теми, но на поинаков начин од денес.
Исечокот од магазинот го објави „Југопапир“, специјализирана страница која се занимава со пронаоѓање, обработка и зачувување на текстови објавени во некогашните југословенски медиуми. Постојат од 1 јануари 2013 година.
- Нема тешкотии во привлекувањето мажи додека сте млади, опремени со мини-фустан, макси-очила и потемнета кожа, но мора да бидете многу внимателни да не привлечете погрешен вид маж - пишува во текстот.
Понатаму се советуваат девојките да внимаваат на „згодните“ мажи и да се потрудат да ги запомнат нивното име и презиме и локацијата на која се сместени. Во текстот се нудат и совети за патувањето.
- Како што се приближувате на местото на летување, така ќе сретнувате сè повеќе луѓе кои повторно ќе ги гледате. Може да се случи уште на почеток да ви се додворува некое момче, иако не особено згодно, но очигледно желно за вашето друштво. Понатаму се советува одбегнување средби во сместувањето или закажување состаноци пред сместувањето со ваквите мажи, за кои пишува дека може да ја спречат средбата со друг, позгоден маж подоцна.
- Кога ќе го видите, може да ви се потат дланките од возбуда, но гледајте главата да ви остане бистра и повторувајте си во себе: „Тој така им се додворува на сите девојки!“ Точно! Доколку го видите една седмица подоцна, кога веќе сте се навикнале на атмосферата на летувањето и можеби малку сте поцврсти, може и да ризикувате состанок со него, но не верувајте во тоа што ви го зборува и не обврзувајте се. Доколку патувате со група, одбегнувајте го оној што е најзабавен. Добро е да се насмеете, но може да ви стане досадно кога ќе ги слушате неговите вицови по петти или шести пат - пишува во текстот.
Наместо тоа, се советува да бараат некој што е внимателен и разумен, кој можеби ќе ги насмее, но и без проблеми ќе ги носи нивните куфери. Пишува и дека мажите што се исончани на почетокот од летувањето може да бидат спортисти, „премногу разгалени со брзо освојување и подготвени за брзо раскинување“, како и лажно исончани или професионални заводници кои ги менуваат летувалиштата.
Девојките се советувале и да одбегнуваат мажи кои при рака немаат ситни пари бидејќи тие ќе мора да платат за лежалка, сладолед итн.
- Немојте да го игнорирате момчето кое поминува половина ден на плажа градејќи детски замок од песок или толку се занесува во фудбалот што не гледа ништо околу себе. Кога ќе падне вечерта, престанува и жарта за фудбалот, па може да се претвори во сосема пристојно и забавно момче. Затоа гледајте го тренингот, вратете ја топката ако излезе од терен, магично смешкајте се и чекајте - пишува во текстот.
Конечно, во текстот се наведува и дека девојките треба да бидат внимателни навечер.
- Сето она што мажите го кажуваат навечер пропуштете го низ густо сито, па верувајте само во она што ќе остане. Четвртина отфрлете ја на додворувањето, четвртина на романтиката, четвртина на морето, а четвртина на вечерта, а другото прифатете го како точно. Летувањето има свои закони и правила, а едно од нив гласи: Не сфаќајте ништо премногу сериозно, а уште помалку немојте да правите планови за иднината врз основа на искуствата од летувањето. Одбегнувајте го оној што не сака да каже каде е сместен бидејќи лесно може да се случи таму да го чекаат жена и деца - стои во текстот.
Извор:
Novosti
Фото: Instagram