X
 19.08.2018 Технологија

Образованието има најмали шанси да биде загрозено од технологијата

Автоматизацијата на работите нема да придонесува само за намалување на работните места, туку и за нивно создавање, покажува анализа на глобалната ревизорска куќа „PwC“. Податоците за тоа кои работни места се загрозени варираат во зависност од тоа за која земја станува збор.

Според анализата на „PwC“, најмногу работни места би требало да се отворат во секторот образование и здравство. Образованието има најмали шанси да биде загрозено од технологијата затоа што кај повозрасната популација ќе се јавува потреба од преквалификација. И покрај тоа што преквалификувањето може да се постигне онлајн, многумина ќе бараат помош од учител, тренер или ментор.

Исто така, голема е веројатноста да се јави раст на услужните побарувачки, како што е чистење и извршување на домашни задачи или услуги од личен тренер. Состојбата се разликува од држава до држава. Истражувањето спроведено во 29 држави покажува дека до почетокот на 2030 година во Источна Азија и во скандинавските земји, каде што има најголем број високообразовано население, само 20 проценти од работните места ќе бидат загрозени.

Фото: Pixabay

Сепак, земјите од Источна Европа се најранливи со оглед на тоа што над 40 проценти од работните места би можеле да бидат загрозени поради развојот на технологијата.

Во истражувањето беше вклучена и Словенија, каде што податоците за загрозеност на работните места во петте најголеми сектори покажуваат дека стапката на ризик е најголема во производството и градежништвото, а потоа следуваат здравството и социјалните работи. Образованието останува како најсигурна дејност кај која има само 13 проценти можност од загрозување поради технологијата.
Подготвил: Бисера Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија