X
 19.08.2024 Наша тема

„В година одиме по злато“, вели Блаже Димески, професор и ментор на ученикот Петар Мирчевски, кој освои сребро на Интернационалната олимпијада по хемија во Саудиска Арабија

Димески раскажува за болната реалност во која недостигаат услови и средства за поддршка на македонските олимпијци. „Кога ќе се вратат дома со медали од меѓународни олимпијади, успехот трае колку утринска роса, а потоа се заборавени до следната година“

Блаже Димески е еден од најтрофејните професори по хемија во Македонија. Ментор на многумина ученици со освоени награди на државни и меѓународни натпревари, меѓу кои и Петар Мирчевски кој неодамна се врати со сребрен медал од 56. Интернационална олимпијада по хемија во Ријад, Саудиска Арабија. Димески 27 години работи како професор по хемија во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп. Кај многу ученици ја всадил љубовта кон хемијата и неуморно ги подготвувал, па се случувало во една година да освојат и четири први места на државни натпревари, за што Општина Прилеп во 2014 година му ја додели и престижната награда „3 Ноември“. Професорот освен за успесите на учениците со кои неизмерно се гордее, отворено зборува и за темната страна на успехот, односно условите и средствата.

Се пишуваат молби, се бараат врски за да се обезбедат средства за патот на олимпијците

- Секоја година се соочуваме со истиот проблем - парични средства за патни трошоци, котизации, визи, патнички осигурувања, па Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) пишува барања, молби, бара врски за минимални средства. А кога ќе се вратат со медали, нивниот успех трае колку утринска роса и потоа се заборавени до следната година кога пак ќе почнат да бараат чаре. Оваа година и покрај ветувањата, ТИРЗ сепак не додели средства за покривање на патните трошоци. Единствениот сигурен извор на финансирање кое обезбедуваше покривање на дел од трошоците беше Агенцијата за млади и спорт, која со спроведените реформи, престана да постои. Како резултат на тоа, СХТМ се најде во безизлезна состојба и неможност да ги обезбеди потребните средства, за што се обрати до МОН, од каде што повторно не доби конкретна помош за решавање на настанатиот проблем -  вели Димески.

Олимпијците редовно „тренираат“ цела пролет со професори, асистенти и демонстратори.

- Тие волонтерски одделуваат слободно време, викенди, пари за хемикалии и апаратури, без никаков надомест, за нив не постои буџет, не се ни споменати како ментори или заслужни за успехот на олимпијците. На меѓународните натпревари и олимпијади нашите олимпијци ја гледаат организацијата, нивото на поддршка и подготовка на тимовите од другите држави. Со децении чекаме „да се смени законот“, „да се усвои амандманот“, ама децата не чекаат, тие го гледаат односот на државата кон нив и одат каде што се цени нивното знаење. Ако надлежните институции немаат идеја, нека нè прашаат нас или нека позајмат од искуствата на соседите, кои имаат системски решенија за буџетот и финансирањето на научните олимпијади - додава професорот.

Се откажуваат од натпревари бидејќи не им е обезбедено сместување во Скопје за подготовките

Кога ќе почнат интензивните подготовки на Институтот за хемија, учениците се спремаат по два или повеќе денови споени за да има подобар ефект. Со иронија вели: „Ние што праќаме деца од провинција се соочуваме со проблем со сместувањето“. Училиштето им плаќа повратна карта, ама учениците мора да преспијат во Скопје неколку дена. Тоа било причина за откажување на три негови ученици, кои иако брилијантни, не можеле да се сместат во Скопје, не биле редовни на подготовките и не успевале да влезат во потесниот круг на олимпијци.

Мирчевски за неколку месеци ја совлада хемијата за втора, трета и четврта година

За неговиот ученик Петар Мирчевски, кој постигна голем успех на Олимпијадата во Саудиска Арабија, вели дека уште во прва година на часовите по хемија буквално ги „голтал“ сите информации, па го вклучил во тимот за натпревари со уште три други ученици.

- Таа година освоивме прва и втора награда на државниот натпревар и учениците добија покана да се натпреваруваат за влез во поширокиот олимписки тим. Петар прифати, иако ми беше страв да не „прегори“ бидејќи требаше за 5-6 месеци (од јуни до декември) да го совлада материјалот од втора, трета и четврта година, а и тековните задачи во гимназијата по 14 предмети во втора година. За среќа, сè беше во ред, влезе во десетте најдобри, па потоа во потесниот круг и на крај, освојувајќи го златниот медал на Македонската хемиска олимпијада, се пласира за Меѓународната олимпијада „Менделеев“ во Астана и Меѓународната хемиска олимпијада (IChO) во Цирих. Таа олимпијада беше најдобра во историјата на Македонија (учествуваме од 2023 година), со освоени три бронзени медали, од кои една на Петар - вели Димески.

Петар на Олимпијадата во Швајцарија минатата година

Годинава, на Меѓународната хемиска олимпијада (International Chemistry Olympiad - IChO) во Ријад, Саудиска Арабија, Петар освои сребрен медал, а Марио Ванчоски од Штип бронза. „В година одиме по злато“, вели професорот.
Тој ја пофали Општина Прилеп, која платила дел од средствата за авионски билет на Петар за учество на олимпијадите во Кина и во Саудиска Арабија. Димески додава дека препознавајќи го квалитетот на своите ученици, Општината се издигнала над други надлежни институции кои останале без одговор на очајничките повици за помош.

Мирчевски (втор од лево) на минатогодишната олимпијада во Швајцарија

Во училиштата недостигаат лаборатории по хемија

Вработувањето во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп го памети како една од најдобрите работи што му се случиле во животот. Тоа е средина која изобилува со талентирани и амбициозни ученици, посветени наставници и постојана тенденција да се биде најдобар. Има секција по хемија во која се собираат талентираните деца, некои од нив обезбедуваат место во тимот за меѓународни натпревари. Гимназијата досега целосно ги поддржува. Но, недостига лабораторија.

- Овие дваесетина години, заедно со моите колешки, не памтам да сме останале без награди на државно ниво, како резултат на што важиме за една од најдобрите гимназии на хемиските натпревари. Желба и таленти има, ни недостигаат материјални средства. Имено, нашата гимназија нема лабораторија (има една, но надвор од функција поради дефект на инсталациите), а тоа е голем хендикеп за нас. Има една поговорка, малку ќе ја парафризирам - учителот кој предава досадна хемија, треба да се третира како криминалец! Зашто хемијата е теоретска и експериментална наука, децата треба да ја почувствуваат атмосферата во лабораторија, да допрат, да помирисаат, да видат и да изведат експерименти и заклучоци кои ќе останат во нивната меморија - вели Димески.

Нашите олимпијци во Саудиска Арабија

Потфрливме, најспособните ни заминуваат во странство

Во прилепската гимназија бројот на ученици не се намалува зашто нуди квалитетното образование. За илустрација колку квалитети вадат, ги посочува неговите некогашни ученици Јана Пашовска која дипломира на Филолошкиот факултет со просек 10, Стефан Неделкоски - прогласен за најдобар студент на Медицински факултет со просек 10, Теодора Тасевска - докторира на Фармацевтскиот факултет и Теодора Петкоска - магистер и работи во одделението за развој во „Алкалоид“, а има и други супер хемичари на кои им предавал.

- Во овие дваесет и кусур години сум предавал на илјадници прекрасни, талентирани ученици кои денес се столбот на нашето општество. За жал, во последно време голем е бројот на оние што заминале во странство, во потрага по подобар живот и средина која повеќе ќе ги цени. Знаат дека вредат, дека се способни и дека заслужуваат повеќе. Тука како држава потфрливме затоа што дозволивме најдобрите и најспособните да творат и да придонесуваат во туѓина - вели Димески.

Ја создаде веб-страницата ehemija,mk каде што учењето хемија не е баук

Димески е креатор и автор на веб-страницата ehemija,mk, која содржи над 700 презентации со содржини од хемијата наменети за основно, средно образование, факултети, натпревари и олимпијади. Презентации почнал да подготвува во 2008 година, биле поставени на гимназиската веб-страница. Конципирани преку разни примери, анимации, гифови, па и хумор за да го привлечат вниманието на учениците и да создадат трајни знаења. Кога почнала пандемијата, се обратил до МОН со понуда да направат платформа во соработка со Бирото за образование која ќе ги содржи сите наставни единици. Но, не добил никаков повратен одговор.

е-хемија

- Потоа решив да ги повлечам презентациите од гимназиската страница и со сопствени средства да ја подигнам веб-страницата. Мислам дека е единствена во светот затоа што не најдов ваква база никаде на интернет. Имено, покрај сите наставни единици, на страницата имате и поимници (каталог на сите поими од хемијата кои се среќаваат во една година или дисциплина), а еднаш неделно се објавува и статија во која се разработува некоја интересна тема, како на пример од историјата на хемијата, па до најновите случувања во светот на хемијата. По секоја тема има и тест за самопроверка на знаењата, кој е конципиран да биде опфатена цела тема со прашања - од основни знаења, па до оние што бараат креативна мисла или позајмени од наши или светски натпревари - вели Димески.

Инаку, интересот за студирање хемија е зголемен во задоволителни бројки поради стипендиите што ги доделува државата. Но, најмал интерес има за наставна насока. Според Димески, причините се очигледни и разбирливи - тежок факултет, а плата како продавач во маркет.

Фото: Архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема