X
 29.05.2018 Наша тема

Агенцијата за млади и спорт ќе го покрие и последниот денар за учесниците на меѓународните олимпијади

Тоа беше првото нешто што го направив бидејќи лично сум искусил што значи да одиш на меѓународна олимпијада, а да немаш финансиска поддршка. Дури донесовме и правилник за еднократна парична награда ако некој од учесниците освои медал, вели Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт

Агенцијата за млади и спорт ќе ги намири сите трошоци за младите таленти што ќе ја претставуваат Македонија на светските олимпијади по хемија, физика, информатика и математика, вели за Факултети.мк Дарко Каевски, директор на Агенцијата. Учениците, пак, што ќе освојат медал на некоја од меѓународните олимпијади ќе добијат и еднократна парична помош од ова институција, која сака да ги мотивира младите да продолжат да се занимаваат со наука и да останат во татковината.

Македонскиот тим на една од олимпијадите по физика

На социјалните мрежи деновиве се отвори широка дебата откако Факултети.мк ги објави проблемите со кои традиционално се соочуваат Сојузот на хемичари и технолози на Македонија и Друштвото на физичарите на Република Македонија. Овие здруженија ги предводат нашите тимови на младинските научни олимпијади по хемија, односно физика. Тие секоја година до последен ден не знаат дали ќе обезбедат буџет за да ја исполнат мисијата.

И „Арс Ламина“ ќе го поддржи олимпискиот тим по хемија

Каевски, кој десетина месеци е директор на Агенцијата, вели дека не му е јасно зошто организаторите реагираат кога Агенцијата од почетокот на неговиот мандат се обврзала дека ќе го покрие секој денар за младите таленти по која било наука што ја претставуваат Македонија на некоја од меѓународните олимпијади.

Дарко Каевски: Воведовме дури и награди за талентите што ќе освојат медал

- Тоа беше првото нешто што го направив бидејќи лично сум искусил што значи да одиш на меѓународна олимпијада, а да немаш финансиска поддршка. Дури донесовме и правилник за еднократна парична награда ако некој од учесниците освои медал. Додека раководам со оваа институција, секоја година ќе издвојуваме буџет за секој олимписки тим поединечно. Минатата недела склучивме договор со хемичарите. Го поканивме и го чекаме и тимот по физика за да го сториме истото. Ги поддржавме и информатичарите и математичарите – вели Каевски.
По објавувањето на текстот за олимпијдата по хемија, доцент д-р Миха Буклески, еден од менторите на младите хемичари, рече дека Агенцијата за млади и спорт веќе им ветила помош.
- Рекоа дека ќе ни ги покријат патните и трошоците за котизација. Нѐ исконтактираа и од издавачката куќа „Арс Ламина“. И тие понудија поддршка на олимпискиот тим – вели Буклески.

Научниците очекуваат системска поддршка од МОН

Раководителите на младинските олимписки тимови (професорите и доценти од институтите при Природно-математичкиот факултет во Скопје) велат дека проблемот треба системски да се реши. Само така ќе се надминат проблемите со кои се соочуваат секоја година. Бидејќи актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт се обврзал дека ќе им помогне, но тоа не го сторил ниту еден негов претходник, а нема гаранција дека поддршката ќе остане кога тој ќе си замине од функцијата. Претходната министерка за образование и наука Рената Дескоска им најавила дека проблемот ќе го реши системски со измена на законите за основно и за средно образование.

Тимот кој преклани ја претстави Македонија на Меѓународната олимпијада по хемија

Менторите објаснуваат со што сѐ се соочувале досега. Бараат спонзорства од фирми и благодарни се ако одвај некој ги испочитува да им се јави за да им каже дека не може да го поддржи спонзорството. Најчесто не се ни јавуваат. Од сметките на здруженијата повлекуваат буџет за да платат котизации и авионски билети, па ги враќаат парите кога ќе ги рефундираат.
Доц. д-р Ламбе Барандовски, претседател на Комисијата за натпревари при ДФРМ и доцент на Институтот за физика при ПМФ во Скопје, објаснува:
- Лани испративме барања за спонзорство до педесетина компании и институции. Четири само возвратија со кус одговор – му посакуваат успех на тимот. Така, учеството беше финансирано од лични средства. На Олимпијадата ученикот Александар Иванов освои бронзен медал. За поздравување е гестот на некои општини што делумно помогнаа и за актуелната поддршка од Агенцијата за млади и спорт. Но, мора системски да се реши. Се надевам дека наскоро проблемот ќе биде трајно решен, и тоа за талентирани ученици и од други области, а не само од физика – вели Барандовски.

Младите физичари досега освоиле 3 бронзени медали и 7 пофалници

Република Македонија првпат со свој набљудувач учествувала на 26. Меѓународна олимпијада по физика во Камбера, Австралија, во 1995 година. Веќе следната година во Осло го испрати првиот тим од 3 ученици. Тогаш ја освои и првата пофалница за успешно учество. Според д-р Боце Митревски, претседател на ДФРМ и доцент на Институтот за физика, до лани ученици од Македонија учествувале на сите меѓународни олимпијади по физика (освен во 2003 година во Тајпеј, Тајван, и на олимпијадата во 2007 во Исфахан, Иран, каде што повторно сме учествувале само како набљудувачи).

Ламбе Барандовски (втор од лево): Проблемот мора системски да се реши, тоа го очекуваме од МОН

Учениците од Македонија на овие олимпијади досега освоиле 3 бронзени медали и 7 пофалници. Митревски се согласува со Барандовски дека овој проблем мора системски да се реши, оти без соодветна институционална поддршка (барем околу покривање на основните трошоци, котизација и пат), тие практично се осудени на неуспех.
- Кога се занимаваме со барање спонзори, решаваме финансиски или организациски проблеми, сето тоа влијае врз мотивацијата на учениците и нивниот успех, без разлика колку се талентирани – потенцира Митревски.
Тој објаснува дека успехот од овие олимпијади, сериозни натпреварувања од светски ранг, е слика за државата и несериозниот пристап кон ваков настан веднаш се забележува.
- Ако ДФРМ бара од организаторот ослободување од котизација, редуцирање на котизацијата и слично, тоа остава лоша претстава за државата. Резултатите од ваквите олимпијади се показател и за образованието, за научниот развој во дадена држава. Светот ве препознава и преку вакви образовни и научни, а не само преку културни и спортски настани – дециден е Митревски.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема