Метеоролозите и научниците досега не размислувале дека има потреба за нова категоризација на тропските бури, кои може да имаат најмногу 5 степени.
Бура над 5. категорија, според зборовите на научниците, досега беше невозможна, но поради сѐ потоплите океани, во атмосферата циркулираат помеѓу 5 и 8 отсто повеќе водена пареа отколку претходно, па така се создаваат услови за настанување на супербура каква што досега не сме виделе и за која воопшто не сме подготвени.
Како што пишува британскиот „Гардијан“, прашање на време е кога значително посилните тропски бури ќе започнат редовно да се појавуваат, а кога тоа ќе се случи, човештвото ќе биде во шок поради нивната деструктивна моќ.
Научниците заклучија дека бурата „Флоренс“ што беснее на јужниот дел од САД е само навестување за некои идни супербури.
Фото: Reuters
Џеф Мастерс, еден од најпочитуваните американски метеоролози, е прв кој во академската заедница го покрена прашањето за потенцијален ураган од категорија 6. Научниците, всушност, уште минатата година развиле теорија за таканаречениот ураган „црн лебед“, толку екстремен што никој од метеоролозите не го очекувал. Мастерс вели дека бурата од невидени размери веќе еднаш се случила во октомври 1790 година во Мали Антили, а нејзината моќ била толку голема што ја корнела кората од дрвјата и однела повеќе од 22.000 животи.
Мастерс ја темели својата теорија врз предвидувањето на двајца научници кои ги смета за најдобри експерти за бура - Кери Емануел од бостонскиот Институт за технологија и Нинг Лин од Принстон - кои во август 2015 година го направиле најефикасниот модел на урагани во историјата. Тие создале симулација на урагани врз основа на шест климатски модели од различни делови на светот, придвижувани од моќен компјутер. Според нивните пресметки, ураганите со досега невидена моќ може наскоро да погодат подрачја како Персискиот Залив, иако во тоа подрачје тропските циклони досега не претставувале сериозна закана.
- Бура што предизвикува бранови со висина од 5 метри многу брзо би ја потопила цела Тампа и пред приливот да стигне до брегот - предупредува Кери Емануел, додавајќи дека градовите во Флорида сериозно треба да размислат за можните закани од океаните.
- Градови како Дубаи сѐ уште не се подготвени. Дубаи и остатокот од Персискиот Залив досега не доживеале силен ураган, но моделите покажуваат дека такво нешто ќе се случи. Дубаи во последните години доживеа доста брза експанзија, а луѓето што го изградиле не биле свесни дека еден ден градот би можел да биде мета на сериозен
ураган - изјави Емануел.