X
 06.09.2021 Живот

Германски експерти проценија кога ќе дојде крајот на пандемијата

Пандемијата на коронавирусот ќе заврши за шест до девет месеци, а напролет животот ќе се врати во нормала и сите ограничувањата ќе станат непотребни.

Оваа реченица не припаѓа на жанрот утопија, бајка или предизборно ветување, туку е најновата експертска процена на германските лекари.

Оптимизмот на германските експерти го пренесоа речиси сите германски медиуми, а веста беше објавена во јавноста преку „Рајнише пост“. Прогнозата дека ковид-19 ќе заврши во текот на пролетта 2022 година и дека животот ќе се врати во нормала, Андреас Гасен, шеф на германското здружение на лекари, ја базира на фактот дека стапката на вакцинација (барем во Германија и во повеќето европски земји) стабилно расте и ќе продолжи да расте во наредните месеци.

На ова се додава високиот процент на луѓе што веќе го прележале коронавирусот и се „вооружени“ со уште повисоки нивоа на антитела. Гасен тврди дека неговиот став за крајот на пандемијата го делат многу познати германски научници, особено оние од епидемиолошката бранша.

- Бројот на инфекции повторно ќе се зголеми наесен, но не гледам голема загриженост во медицинските кругови дека здравствениот систем може да доживее колапс - вели Гасен.

Неговата процена е дека бројот на сериозни компликации од оваа болест ќе остане далеку под она што беа сведоци минатата зима.

- Ситуацијата во која се наоѓаме е погодна за многу повеќе мир, но не толку за повторно да станеме непромислени - вели тој.

pandemija
Фото: Freepik

Гасен, исто така, се изјасни за одлуката дека во блиска иднина нема да има поопшти и задолжителни епидемиолошки мерки во Германија. Луѓето треба сами да одлучат да направат за да се заштитат, дури и дали да носат маска или не, рече тој.

Федералната и провинциската влада би постапиле мудро ако не донесат одлуки за затворање и мерки во наредните месеци за да не ги вознемируваат непотребно граѓаните. Во Германија повеќе од 61 отсто од жителите ги примиле двете дози на вакцината, а повеќе од 65 отсто примиле барем една.

Покрај тоа, за следната година во Германија е најавено вакцинирање и на новороденчиња. Генералниот секретар на Германското здружение за интензивна нега и итна медицина, педијатарот Флоријан Хофман, најави дека на почетокот од 2022 година ќе бидат достапни вакцини за сите возрасни групи, вклучително и за новороденчиња. Во моментов се при крај студијата и тестирањето на вакцините „Фајзер/Бајонтек“ и „Модерна“ за деца под 12-годишна возраст, за кои се планира намалена доза на вакцината.

Германската државна комисија за вакцинација сѐ уште е во дилема за ефективноста на најавената вакцинација на децата, како и за давање трета доза на веќе вакцинирани возрасни граѓани. Според мислењето што доминира меѓу експертите во оваа комисија, ваквата вакцина не нуди гаранции дека ќе има дополнителни ефекти.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот