X
 24.06.2021 Живот

Текст од 1965: Вака научниците предвидувале дека ќе изгледа светот во 2020 година

Научниците во минатиот век предвидоа дека многу работи ќе се променат во светот од 1965 година - дека луѓето до 2025 година сами ќе го контролираат процесот на стареење, дека во 2020 година ќе се појави симбиоза помеѓу човекот и компјутерот, дека ќе се елиминираат наследните недостатоци...

„Индекс.хр“ во соработка со „Југопапир“ пренесуваат какви биле научните предвидувања за светот пред 56 години. Порталот објави текст на Жан Моробни од 1965 година.

Јуни 1965 година: Научното предвидување на иднината денес е една од најголемите преокупации на САД и Советскиот сојуз. Овие две суперсили се единствените со толку големи финансиски средства што можат да донесуваат одлуки клучни за во иднина.

Методичката подготовка и прецизната анализа на развојот на науката во следните децении се реализираат во СССР и САД, во центри каде илјадници планери и научници, применувајќи ги најновите технички процедури и достигнувања, работат во специјализирани тимови, а оваа активност во никој случај не потсетува само на античко гатање и научна фантастика, туку е и далеку од какво било исклучиво шпекулативно научно заклучување. Оваа активност овозможи да се извлече приближно точна - и неверојатно импресивна - слика на нашиот свет во следните сто или повеќе години.

1

Едно од современите пророштва: Санта Моника

Знаеме одредени детали за гигантскиот напор со кој Советскиот Сојуз ги совлада најнапредните научни достигнувања и новооткриените извори на човечка моќ. Сепак, Русите - можеби со целосно право - ја чуваат „тајната“ подобро од Американците. Затоа, ние сме упатени на американски извори: трудовите на професорите Т.С Гордон и Олаф Хелмер, објавени во Лос Анџелес, ни ги даваат првите информации за фантастичен подвиг што, врз основа на резултатите од американската и светската наука, се реализира во „Ранд корпорејшн“, американска организација посветена на уредувањето на идниот свет. Во овие дела, скицирана е чудесната физиономија на нашата иднина, како што произлегува од анализата на илјада експерти.

На кој начин се врши таа анализа? Сите експерти, специјализирани во одредена научна област, се анкетираат за идниот развој на дисциплината. Така, на пример, датумот кога ќе се постигне целосна контрола врз метеоролошките појави се одредува врз основа на внимателно испитување на сите специјалисти од областа: од добиените податоци на овој начин, се изведува просечната прогноза - 1970 година.

Со аналогна постапка, по испитувањето на мислењата на сите експерти, 2025 година беше поставен како датум на „целосна хемиска контрола на процесот на стареење“. Оваа постапка, наречена „Делфиски метод“, вреди исто како и сите научни методи, и постојат две точки кои сигурно ја поддржуваат: прво, дека е единствена досега, и второ, дека нејзината валидност е веќе проверена во прашањата на космичките истражувања. Според Гордон и Хелмер, овој метод исто така овозможува создавање социолошки, економски и политички заклучоци и, според тоа, може да обезбеди податоци за целосна слика за идната индустриска цивилизација.

2

Како може да се постигне толку обемна работа? „Ранд корпорејшн“, со седиште во Санта Моника, Калифорнија, користи дело на илјадници големи американски и западноевропски научници и има пристап до „крајно тајни“ податоци од сите научни активности заеднички финансирани од американската голема индустрија и разни организации на Министерството за одбрана на САД.

Таа организација има позиција на вистински центар на американското разузнавање; таа е, меѓу другото, одговорна за сегашната политика на „убедување“ во Виетнам. Тоа е епицентарот на страшната „експлозија на идеи“ за која многу малку се знае во Европа. За научно планирање на иднината на индустриското општество - кое треба да ја покрие целата планета во блиска иднина - оваа организација го претставува истото што НАСА, од многу поскромни размери.

Масовна цивилизација

Американски научници предвидуваат дека развојот на оружје во иднина - за да се избегне тотално уништување - ќе биде ориентиранo кон „оружје за разубедување без убиство“, потоа кон „оружје за целосно психолошко убедување“ и дека за педесет до шеесет години ќе го премине прагот на можности за меѓупланетарни конфликти.

Следната генерација би владеела со веќе целосно скротените последни остатоци од природата, бидејќи тие би создале или би расфрлале облаци по своја волја и ќе имаат способност го уредат самиот пејзаж според нивните потреби: големите ненаселени области (шуми, океани) би служеле или како „депонии“ за радиоизотопи или како „фабрички базени“ со кои обучени китови крстареле во лов на последните атомски подморници!

За периодот до 2000 година, „Ранд корпорејшн“ споменува мала среќа и масовна цивилизација.

- Мирот може да се реализира само во блиска иднина така што Советите и ние ќе се најдеме на половина пат, во ново индустриско општество, каде напорите на луѓето не се потребни како порано за збогатување на општеството. Додека вредностите на работата ќе се намалуваат, вредностите за слободното време ќе станат главни. Во центарот на новиот морал е потрагата по индивидуална среќа. Лојалноста кон примарните социјални групи (семејство, потесен круг) се помалку значајни. Можностите за масовна комуникација и меѓучовечката комуникација растат во гигантски размери. Вредностите и нормите утврдени од семејството го губат своето значење. Поголемата слобода, поврзана со поголема несигурност, ги карактеризира постапките на секоја индивидуа. За многумина, вознемиреноста станува фундаментално чувство, трајно присутна.

3

Забава, образование, информации - настапува ерата на жените


„Мозоците“ на Санта Моника тврдат дека периодот помеѓу 1965 и 1990 година ќе биде период на автоматизација и образование. Во 1990 година ќе бидат пронајдени синтетички протеини кои ќе хранат 6 милијарди луѓе, а во 2020 година, Земјата ќе биде еден голем град, а гравитацијата ќе се контролира.

Во таа ера ќе постои автоматски превод што ќе овозможи контакти за кои авторите на Библијата не ни помислувале кога ја опишувале Вавилонската кула. Електрониката ќе обезбеди директна врска помеѓу продавниците и банките од 1975 година, но една година пред тоа, децата ќе имаат машини за учење од дома.

Иднината ќе биде време кога женските доблести (настојување да се реализира личната среќа) ќе го заземат местото на некогашните машки доблести (склоност на воини, нагласување на храброста итн).

Информатиката ќе стане вообичаена и неопходна алатка за менаџерите, а електрониката, која ќе го намали дневниот дел од нашата работа за 25 отсто, веќе во 1975 година ќе го претвори образованието во пријатна забава.

Десет години подоцна ќе започне нова ера за нашите деца. Човекот ќе биде прилагоден на цивилизацијата на слободното време, а во 1985 година, електрониката ќе му ги интерпретира симптомите на последните преостанати болести. Тогаш светот ќе биде организиран, секоја можност за универзално термнонуклеарно уништување ќе биде исклучена, напредокот ќе воведе контрола на демографскиот раст и човекот ќе почне да размислува за бесмртност.

Симбиозата помеѓу човекот и електронската машина, што повеќето американски инженери за електроника ја предвидуваат за 2020 година, ја завршува ерата на автоматизација во потесна смисла на зборот.

Меѓутоа, човекот во тоа време ќе помине далеку во неговите напори да го совлада животот во сите негови форми. Познато е какви достигнувања се постигнати досега во техниката на реанимација, а „науката за бесмртност“ значително ќе напредува.

Предвидувања за главните фази на идниот развој:

1966 година - примена на електронски стимули во трансформацијата на човечката личност;
1972 година - примена на хемиски модификатори на личноста;
1989 година - вештачко создавање примитивна животна форма;
1994 година - откривање на биохемиски агенси против бактерии и вируси;
2000 година - елиминирање на наследни нарушувања.

Во годините што доаѓаат, човекот ќе излезе од неговата оригинална околина, исто како што морските чудовишта некогаш излегоа на брегот и почнаа да живеат таму. Сè се менува суштински веќе во ова време во кое живееме, а пенетрацијата на човекот во вселената, заснована на научни анализи извршени денес од „Ранд корпорејшн“ и експерти од централноазискиот космодром во Советскиот Сојуз, ќе биде обележана со низа последователни освојувања на небесните „освојувачи“.

Извор: Index.hr
Фото: Yugopapir
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот