X
 19.09.2018 Живот

Во Швајцарија исчезнале 5.000 квадратни километри снежна покривка

Научниците од Универзитетот во Женева анализирале сателитски снимки од територијата на Швајцарија направени во последните 22 години и потврдуваат дека во последните 12 години исчезнале повеќе од 5.000 квадратни километри снежна покривка. Некои од најпознатите швајцарски скијачки дестинации се погодени од топењето на снегот.

Од 1995 до 2005 година 36 отсто од површината на Швајцарија имале малку или воопшто немало снег, а шансата дека ќе падне снег била меѓу 0 и 20 отсто. Минатата година тој број се зголемил на 44 отсто, а за порастот е виновно глобалното затоплување.

Еден од авторите на истражувањето, Грегори Џулијани, истакнува дека нискиот снег на висорамнините почнува да ги зафаќа и планините Јура и Алпите, а особено е видлив во долината Рона.

Зоната на вечен снег, каде што веројатноста за паѓање снег варира меѓу 80 и 100 отсто, покривала повеќе од една четвртина од Швајцарија од 1995 и 2005 година. Десет години подоцна покриеноста паѓа за 15 отсто, што значи дека се загубени повеќе од 2.000 квадратни километри снег.

Фото: Universite de Geneve

Џулијани вели дека е важно да се знаат деталите за снежната покривка и нејзината еволуција поради планирањето на политичките одлуки.

Освен економските прашања поврзани со туризмот, се појавуваат и други, како што е управувањето со ризикот од поплави или снабдувањето со вода, со оглед на улогата на „складиште“ што ја има снегот, задржувајќи ја водата преку зима за да може таа да се ослободи напролет и во текот на летото.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот