Литературата со научна фантастика им дава можност да сонуваат, да фантазираат, да се заскокотка нивната бесконечна фантазија. На тој начин, кај децата се поттикнуваат и многу безвремени и универзални прашања, смета авторката Јованка Денкова
Најновото дело „Научната фантастика во македонската книжевност за деца и млади“ на авторката Јованка Денкова е книга за научната фантастика како феномен во книжевноста, но многу повеќе е книга за научната фантастика во современата македонска книжевност за деца и млади. Поимот и особеностите на научната фантастика, нејзината генеза и карактеристиките, класификацијата во македонската книжевност за деца и младина и преплетувањето на научната фантастика со други книжевни жанрови се главните тематски подрачја во оваа студија.
Јованка Денкова (1974, Штип), магистрирала и докторирала на теми од книжевноста за деца и за млади на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Од 2008 година работи на Филолошкиот факултет, при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а била и продекан за настава и декан на истиот факултет. Од 2017 година е редовна професорка на Катедрата за македонски јазик и книжевност при факултетот. Авторка е на околу 200 научни статии од областа на книжевноста и на неколку книги, меѓу кои: „Неколку навраќања кон детството“ (2017), „Чудесното и реалистичното во прозата на Глигор Поповски“ (2020), „Фантастиката во македонската книжевност за деца и млади“.
Колку е застапена научната фантастика во современата македонска книжевност за деца и млади?
Најпрвин, морам да укажам дека научната фантастика долго се сметаше за дефицитарен жанр, за жанр кон кој писателите за деца и млади некако срамежливо пристапуваа. Но, почнувајќи од 1958 година, со романот „Големата авантура“ на Лазо Наумовски, по кој следуваа делата на Пени Трпковски, Ристо Давчевски, Лилјана Белева, Томе Арсовски, Глигор Поповски, Стојмир Симјановски, Велко Неделковски и други се поставија основите на научната фантастика кај нас и притоа ги следеа светските движења во научната фантастика, истовремено давајќи ѝ автохтон печат на нашата научнофантастична литература. Мене особено ме радува фактот што во последните две деценија се појави една нова плејада на автори како Мирко Зафировски, Даниел Бибовски, Зорица Русеска, Михо Атанасовски, Даниел Бибовски и други, кои сигурно чекорат низ вонземните имагинарни простори.
Какви истражувања правевте за да го спакувате вашето дело „Научната фантастика во македонската книжевност за деца и млади“?
За сеопфатна критичка анализа на една студија, секако, потребно е многу истражување. Моето истражување на научната фантастика почна уште во 2005 година и оттогаш, благодарение на интернетот, постојано правев раскопки во постарата, но и актуелната критичко-теоретската литература низ цел свет. Освен тоа, неизбежно е да се следи светската научнофантастична литература, како и трендовите во неа. Се разбира, ја следев и читав и јужнословенската научна фантастика (српска, хрватска...), но најмногу внимание обрнав на македонската книжевност за деца и млади зашто сметам дека ние како Македонци треба постојано да сме ангажирани во промовирањето на нашиот македонски јазик, книжевност, култура, историја и тоа е најмоќниот начин да ги сочуваме.
Што Ве испровоцира да се занимавате со ова прашање?
Уште од самите почетоци на мојата академска кариера, кога се запишав на постдипломски студии во далечната 1998 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, знаев дека сакам да се занимавам со научна дејност. Во текот на самите постдипломски студии на насоката Македонска книжевност имавме предавања од квалитетни и инспиративни професори кои нѐ „натераа“ да ги поместуваме границите на нашите истражувачко-аналитички активности. Во текот на тој процес ме заинтересираа жанровите фантастика, научна фантастика (која патем ја читам од мали нозе), тесната врска меѓу чудесното, чудното и фантастичното итн. Од тие причини, за тема за магистерска работа, во соработка со проф. Јадранка Владова (сега почината), ја избравме „Чудесното и реалистичното во прозата на Глигор Поповски“, која беше одбранета во 2005 година, а објавена 2020 година во издание на „Муза“. Уште пред самата одбрана знаев дека предмет на мојот истражувачки интерес во иднина, за докторска дисертација, ќе биде научната фантастика. Една од причините за тоа беше и што сите ние мислиме дека знаеме што е фантастика и научна фантастика, но ретко кој може да даде конкретна дефиниција за нив. Затоа, за тема за докторска дисертација ја избрав „Фантастиката и научната фантастика во македонската книжевност за деца и млади“. Книгата „Фантастиката во македонската книжевност за деца и млади“ беше објавена во 2021 во издание на „Муза“, како дополнето издание од тој прв дел од мојата докторска дисертација, одбранета 2008 година. Вториот дел од докторската дисертација, се разбира дополнет со нови научни сознанија и нови книжевни анализи, беше објавен неодамна, во издание на „Македоника литера“. Но, она на што најмногу сакав да ставам акцент во моите научни студии, покрај тоа што се потпрев и на теоретските поставки од еминентни книжевни теоретичари на фантастиката и научната фантастика, е македонската книжевност за деца и млади, почнувајќи од првите повоени македонски автори, па сѐ до најсовремените.
Јованка Денкова
Колку и каква научна фантастика се третира во детските современи книги, како ја оценувате?
Во современата македонска литература за деца и млади се третираат темите кои се карактеристични и во светската научна фантастика, со што нашите, македонски автори покажуваат дека ја следат светската научна фантастика, но истовремено во неа внесуваат теми, топоси кои се карактеристични и постојат само на овие простори. Од темите што се најчесто застапени се темата на роботите, темата на андроидите, на разни мутанти и други вонземни суштества, темата на патувањата не само по вселенските простори, туку и во неистражените океански пространства... Овде треба да се спомене и темата на посета на вонземјаните кои доаѓаат да нѐ предупредат на некаква катастрофа која може да ја уништи планетата Земја (есхатолошка тема), а во врска со оваа тема е и заканата од еколошка катастрофа поради нашето несовесно однесување кон природата. Но, можеби она што како црвена нишка се провлекува низ целата научна фантастика е постојаното предупредување дека на човештвото му е потребна љубов и многу повеќе меѓусебно разбирање и толеранција за да се избегне сведување на човечките суштества на механизирани хуманоиди.
Колку е важна фантазијата, имагинацијата, нереалните ликови за развојот на децата, за оформувањето на детскиот свет?
Научната фантастика е жанр кој е особено привлечен за младите читатели затоа што им дава можност на децата, со најсовремени вселенски летала чија внатрешност е опишана во детали, да патуваат низ непрегледните вселенски авантури, да остварат средби со разновидни суштества, понекогаш со застрашувачки изглед, средби со различни вселенски цивилизации и да претпостават како би изгледал „оној другиот“. Оваа литература им дава можност да сонуваат, да фантазираат, да се заскокотка нивната бесконечна фантазија, зашто за децата е сосема нормално постоењето на светови кои за нас, возрасните, се тешко замисливи. На тој начин, кај децата се поттикнуваат и многу безвремени и универзални прашања, како проблемот со изворите на енергија, зачувувањето на животната средина, пренаселеноста на Земјата, но и се развиваат и негуваат доблести како храброст, имагинативност, солидарност, сплотеност и соработка на групата итн.
Фото: приватна архива