X
 19.10.2019 Технологија

Не нѐ шпионираат само телефоните...

Ново истражување на Универзитетот во Принстон покажало дека телевизорите поврзани на интернет се полни со софтвер за следење податоци.

Истражувачите направиле бот кој автоматски инсталирал илјадници канали на нивните телевизори за потоа да ги имитира луѓето, пребарувајќи по содржината и отворајќи видеоснимки. Штом ќе налета на реклама, тој ќе почне да ги следи сите податоци што се собираат зад сцената.

Некои од тие податоци, како што се видот на уредот и градот во кој се наоѓа, не се единствени за поединечен корисник. Но, затоа другите податоци се.

Така, на пример, собирани се сериските броеви на уредите, безжичната мрежа и рекламниот идентитет, а тоа се податоци со кои е можно да се открие поединечен корисник. Некои канали испраќале адреси од електронска пошта и имиња на снимки без енкрипциска заштита.

Истражувањето открило софтвер за следење на 69 отсто од каналите на уредите „року“ и на 89 отсто од уредите „амазон фајр“. Некои од тие софтвери се добро познати (така „Дабл клик“ на „Гугл“ е пронајден на 97 отсто од каналите на „року“), но зад голем број од нив стојат компании за кои повеќето од нас никогаш не слушнале.

Сепак, не станува збор само за телевизори. Слична е ситуацијата и со другата технологија од нашите паметни домови.

Во друго истражување спроведено на Североисточниот универзитет од Бостон, меѓу 81 уред за паметен дом имало и такви (меѓу кои и дигиталната помошничка на „Амазон“ наречена Алекса) што следат кога корисникот зборува или се движи дури и кога не го користи уредот.

Уредите ги бележат тие податоци и снимаат во реално време и притоа не даваат никаков сигнал дека го прават тоа. Сопствениците се запознаени со тоа само ако внимателно ги прочитале правилата на политиката за заштита на приватноста.

„Року“ и „амазон фајр“ им овозможуваат на корисниците да го исклучат целното огласување. Сепак, со тоа е запрено само следењето на рекламниот идентитет на корисникот, но не и собирањето на другите податоци.

Делумно решение може да бидат подобрите начини за управување со заштитата на приватноста. Меѓутоа, проблемот е во тоа што деловниот модел кој се заснова на целно огласување е суштински неспоив со заштитата на приватноста.

А тоа е реалност со која мораме да се соочиме...
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија