X
 19.10.2025 Живот

Зошто секој си ја плаќа својата сметка во Холандија?

Плаќањето сметки и поделбата на трошоците, на пример, по вечерата, драстично варира низ целиот свет. Некои културни норми се толку необични што за нив се дебатира онлајн со денови. Токму тоа се случило откако видеото на инфлуенсерка за холандскиот обичај секој да го плати својот дел од сметката станало вирално.

Комичниот скеч предизвикал лавина од реакции

Во краток хумористичен скеч инфлуенсерката прикажала типична канцелариска ситуација во која нејзината холандска колешка ѝ нуди храна што ѝ била вишок, но веднаш бара да ѝ ја плати. Сцената, која прикажува конфузија и културен шок, насмеала милиони луѓе и предизвикала жестока дебата.


„Сè се сведува на културолошките разлики“


Авторката на видеото, Јана Липчева, ја објаснила приказната.

- Објавата е комичен скеч. Инспирирана е од разни ситуации од реалниот живот и познатата холандска навика да се дели сметката до последниот цент, како и нивната искреност и прецизност кога станува збор за тоа кој што јадел или пиел. Според мене, не постои правилно или погрешно однесување. Луѓето и нациите се различни и секој има свое мислење за споделувањето храна. Овие мислења можат многу да варираат. Токму поради овие дискусии, видеото стана вирално - заклучила таа.

Феноменот познат како „going Dutch“ (на холандски начин)

Холанѓаните се познати по својата штедливост, а изразот „going Dutch“ (секој си плаќа за своето) не се појавил случајно, иако некои тврдат дека Британците го смислиле за да им водат инает. Иако би било незамисливо за многумина да платат за своето парче торта и кафе на роденденска забава, во Холандија тоа е вообичаена практика.

Пријатели излегуваат во бар. Секој нарачува за себе и плаќа само за своето, а честопати износите се пресметуваат во центи за да биде сè совршено фер. За странците, овој пристап може да изгледа неверојатно, дури и грубо.

Во многу култури дарежливоста е основа на пријателството, но во Холандија праведноста се цени пред сè. Плаќањето за она што сте го јаделе не се смета за скржавост, туку за чесност, а избегнувањето долгови, без разлика дали се финансиски или социјални, е знак на почит.

Зад тоа има подлабоко значење

Секако, на интернет циркулираат многу анегдоти за тоа како Холанѓаните прецизно ја делат цената на пицата во зависност од бројот на изедени парчиња, но под хуморот лежи систем на вредности што ги цени независноста и еднаквоста. Со тоа што осигуруваат дека никој не плаќа повеќе од својот дел, Холанѓаните одржуваат пријателства без премолчени обврски или долгови.

Интернетот е поделен: Дали е ова нормално?

Коментарите под видеото биле поделени. Многумина биле во целосен шок, а други споделиле слични искуства, не само со Холанѓаните, туку и со други култури.

Извор: index.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот