X
 19.11.2018 Живот

Каква боја има млекото што го дава црната крава?

Француските крави конечно можат да воздивнат: благодарение на закон изгласан кон крајот на мај, секоја кланица ќе мора да ангажира службено лице (свештеник?) што ќе се погрижи пред нивното колење тие да бидат соодветно зашеметени (со електро шок или со гас).

Прашањето за страдањето на животните постојано го отвораат здруженијата за заштита на животните, посакувајќи со своите акции да предизвикаат скандал во јавноста под изговор дека станува збор за заштита на животните.

Спектарот на нивните дејствувања (од фрлање бои врз бундите од природно крзно, преку уличните демонстрации до демолирање на невеганските угостителски објекти) и маничното лобирање кај политичките претставници достигна степен на моќ со која се влијае врз државните закони.

крава

Членовите на овие организации постојано се обидуваат да влезат во фабриките за да снимаат што се случува со животните. Секако, ваквите шокантни видеа придонеле за рапиден раст на бројот на вегани, вегетаријанци или само флекситаријанци (кои сакаат да го намалат месото во нивната чинија, без оглед дали тоа е од диетални или еколошки причини).

Медиумската кампања е поткрепена со претставници на „холивудската машинерија“, па така Леонардо ди Каприо е финансиер за помош на слоновите, Бред и Анџелина и понатаму се залагаат за дивиот свет во Намибија, а Пенелопа Круз заедно со Натали Портман, Памела Андерсон, Џастин Бибер, Пол Макартни, Брајан Адамс и многу други учествува во кампањата на здружението ПЕТА.

Не навлегуваме во великодушноста, волонтеризмот и еколошката свест што декларативно ја мотивира и застапува оваа институција, но сепак паѓа в очи податокот дека американскиот проект ин витро одгледување на шницли од матични клетки е финансиран од „Гугл“ и ПЕТА. Разните „шунки без месо“ се чест производ на мултинационалните производители на месо и месни производи. Иако (наводно) имаат текстура, мирис и вкус на имитирани производи, тешко дека би можеле да се наречат природни.

Така, „cordon bleu“ од линијата „Le Gaulois“ на живинарската фирма „Флери-Мишон“ содржи повеќе од 40 состојки (малтодекстрин, белки во прав, ксантин гума за желе, средство за згуснување и стабилизатор карагенан, рехидрирани протеини од соја, натриум-цитрат како конзерванс и регулатор на киселина и вештачки вкус). Тука доаѓаме до парадоксалниот заклучок: ентузијастичното цветање на вегетаријанството води кон „вештачка“ исхрана.

Веганските ресторани веќе станаа симбол на гентрификација на некогашните работнички населби. Иако ја подигнуваат свеста за реалноста на агроиндустријата, видеоснимките придонесуваат за стигматизација само на кланичарите затечени на смена, а не и на нивните работодавци. Видеото завршува со притисок врз овие „бездушни егзекутори“ низ чии раце во текот на нивната просечна кариера поминуваат над 15 милиони грла. Дали навистина можеме да очекуваме од нив да постапуваат емпатично, со нежност и разбирање?

Или ќе биде покорисно овие службени свештени лица, наместо животните, да им понудат исповедување на сопствениците на мегаагрокомпаниите, кои со едната рака колбасот го полнат со вимиња, а со другата рака држат малтодекстрином и карагенаном?
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот