X
 23.06.2018 Наука

Генетички модифицирани свињи отпорни на смртоносна болест

Постои вирус наречен свински репродуктивен и респираторен синдром (ПРРС) и тој е кошмар за сите што чуваат свињи. Вирусот ги напаѓа прасињата и се проценува дека секоја година ги чини фармерите околу 2,3 милијарди долари. Но, сега научниците изгледа пронајдоа метода за уредување на гените која може да го запре ширењето на оваа ужасна болест.

Истражувачи одгледале генетички модифицирани свињи отпорни на ПРРС и за разлика од претходните експерименти за борба со смртоносниот вирус, животните не покажале други промени во нивното здравје или однесување.

Ова е најнов пример за тоа како внимателното уредување на ДНК може да биде корисно за храната и за земјоделството. Сепак, истражувачите признаваат дека се потребни дополнителни тестирања и нови закони пред месото од овие свињи да се најде во чиниите.

ПРРС ги напаѓа белите дробови на свињите, предизвикувајќи проблеми со дишењето, а во некои случаи на крајот предизвикува и смрт. Ако бремените маторици заболат од вирусот, тоа може да биде причина за загуба на малите, а вакцините досега се покажаа како неефикасни против болеста бидејќи вирусот еволуира многу брзо.

Затоа, наместо да се обидуваат да се борат со вирусот, истражувачите отстранија дел од генот ЦД163, односно делот на кој се прикачува ПРРС вирусот, додека останатиот дел од рецепторот на клетка од свиња бил оставен недопрен.

Фото: Pixabay

Овој пристап е она што ја направи оваа студија поразлична од претходните обиди. Порано се користеше уредување на ДНК за да се отстрани генот ЦД163, но овој пат само дел од него бил променет. Тоа му дозволува на рецепторот да продолжи да си ја исполнува нормалната улога во телото и ги минимизира шансите за несакани ефекти, велат истражувачите.

Генетички модифицираните животни се забранети за јадење во Европа и се предмет на многу строги рестрикции во САД, но има знаци дека регулациите полека ќе се олабават. Научниот аргумент е дека напредните технологии што ги имаме денес не се премногу различни од таргетираното одгледување. Во овој случај не се воведени гени што не се од свињи за заштита од ПРРС, па процесот на уредување на гените може да се смета само за забрзување на нешто што би можело да се случи и по природен пат.

Тие дебати се посебна приказна, но засега изгледа дека научниците конечно најдоа начин за ставање крај на пустошењето на оваа болест кај свињите.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука