X
 18.09.2019 Живот

Седум правила за преживување на климатските промени

Климатските промени станаа неизбежна реалност и околу тоа се согласуваат речиси сите. А тоа повлекува и одредени прашања. На пример, ако не направиме ништо за да го намалиме глобалното затоплување и неговите последици, кој ќе остане?

- Мислам дека тоа нема да бидат луѓето. Мислам дека ние ќе отидеме многу рано - вели Џули Греј од Универзитетот во Шефилд.

Веќе секој четврти вид се соочува со ризик од изумирање, претежно токму поради сето она што климатските промени го носат со себе - екстремните и сè понестабилни временски услови, сè повисоките температури и зголемувањето на нивото на морето. Според она што го истакнуваат експертите, постојат неколку правила кога станува збор за тоа кој би можел да опстане. Нормално, не е возможно точно да се предвидат движењата, има голем број фактори, но одредени законитости даваат каков-таков одговор.

Правило број 1. На климатските промени би можеле да бидат поотпорни видовите што се размножуваат брзо и во голем број. Значи, луѓето и пандите не се меѓу нив.

Правило број 2.
Способност за приспособување. Топлокрвните животни тука котираат подобро од ладнокрвните. Но, има исклучоци. Во сè потоплото опкружување добро би се снашла северноамериканската жаба.

Правило број 3. Поверојатно е преживувањето на растителните видови кои веќе се добро приспособени на животот во суша и на топло, на пример, пустинските видови или, пак, билките чие семе се пренесува на голема оддалеченост со помош на ветрот или морските струи. Тука треба да се истакне кокосот.

Правило број 4. Среќата им се насмевнува на видовите што во минатото веќе покажале дека можат да опстојат. Во тој контекст сè им оди во прилог на бубашвабите. Кога Австралија пред повеќе десетици милиони години станувала сè посува, тие се преселиле во подземјето. Исто така, тие не се пребирливи за храна. Покрај нив, поголеми шанси за опстанок имаат и другите видови што не одбираат многу - опортунистичките птици, глувците или ракуните. На коалата, која јаде листови од евкалиптус, навистина не ѝ се пишува добро.

Правила број 5 и 6 се сведуваат на тоа дека се поотпорни оние видови што еволуциски се постари и не се сведени на микрохабитат, односно успеваат и во услови на промени, транзиција и нарушена околина. Елените, на пример, се снаоѓаат добро дури и кога снемува шума, значи во сè поурбани средини. Некои специфични видови, ендемични за некои мали острови, би можеле да исчезнат засекогаш.

Правило број 7 наложува, пак, дека постојат одредени места на светот што нема ни да ги почувствуваат климатските промени. На пример, животните што живеат во подморските кањони или оние што веќе преживуваат во многу сурови средини, како што се врелите вулкански извори. Таму претежно сè се сведува на микроби и, на пример, неуништливите тардигради, познати и како водни мечки. Тие можат да преживеат во вакуум, екстремна дехидрација и на многу високи температури.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот