Кога некој ќе спомене страсни играчи на видеоигри, популарно наречени гејмери, првата помисла кај повеќето луѓе се тинејџери седнати во мрачна соба, со лименка енергетски пијалак в рака, кои ги поминуваат часовите во виртуелниот свет. Но, сѐ поголем број гејмери од своето хоби успеваат да направат одлична професионална кариера.
Куро Такашоми - Куроку е еден од најдобрите примери за тоа. До 26 години заработил повеќе од 3 милиони долари професионално играјќи „Дота 2“.
Според истражувањата, постојат два начина за заработка преку играње видеоигри: „еСпорт“ и „Лајвстриминг“.
Фото: Darko Tomas
Иако сѐ уште не е јасно дефинирано што опфаќа „еСпорт“, станува збор за најпопуларните натпревари во играње видеоигри во светот. Само минатата година ваквите натпревари оствариле профит од 655 милиони долари, а во следните четири години се предвидува дека профитот ќе порасне и до 1,6 милијарда.
-„еСпорт“ е прилично отворен, но сѐ уште неорганизиран натпревар - тврди Џејсон О’Тол, еден од стручните коментатори на овие натпревари.
Постојат многубројни сличности со класичните спортови. Освен што натпреварите најчесто се одржуваат во најголемите спортски арени во светот, често се пренесуваат и во живо на спортските телевизиски канали. Иако не постојат строго дефинирани правила, учесниците се поделени според игрите во кои се најдобри. Така, се натпреваруваат во „ЛОЛ“, „Фортнајт“, „Дота“ и многу други игри.
Исто така, една од најважните сличности со класичните спортови е добивањето професионални сезонски договори. Произведувачите на видеоигрите на натпреварите „еСпорт“ испраќаат свои регрутери кои на најуспешните играчи им нудат профитабилни договори за да играат за нивниот тим следната сезона. Слично како фудбалот и кошарката.
Покрај успехот и талентот на играчите, просечната плата зависи и од играта во која одлучиле да „специјализираат“. Додека просечната плата на „Оувервач“ е 45.000 евра годишно, што е околу 3.500 евра месечно, најдобрите експерти на „ЛОЛ“ годишно може да заработат и над 2,6 милиона евра.
Но, може да се заработи и играјќи индивидуално. На натпреварите „еСпорт“ може да учествуваат и страсните аматери кои сакаат да го покажат своето знаење пред колегите од целиот свет. Паричните награди за најуспешните поединци секоја година растат. Оваа година вкупната парична награда за најдобри играчи на „Дота 2“ изнесуваше повеќе од 21 милион евра.
Оние што не сакаат да бидат дел од тим и не го сакаат стресот во учеството на светските натпревари можат да заработат и преку лајвстрим на платформите како „Јутјуб“ и „Твич“. Само во октомври оваа година на овие платформи имало повеќе од 850 милиони часа гејмерски видеосодржини. За разлика од играчите на „еСпорт“, стримерите заработуваат од тоа што ќе се појават во живо на својот канал.
Профит добиваат преку месечни претплати, донации, спонзорства и реклами, додека најпопуларните играчи успешно ги продаваат и сопствените сувенири, како шолја за кафе или подлога за глувче.