Затоа, сега, со најавени, којзнае кои по ред, предвремени избори, жестоко погаѓа реториката на политичките партии. Повторно наставниците се таргетирани како социјално ранлива категорија, со оглед на фактот дека се најниско платена група вработени со висока стручна подготовка во државата, повторно бидуваат преџвакувани од политичарите во нивните предизборни кампањи, за потоа да бидат плукнати, така изџвакани, уште со првото планирање на буџетот!
Пишува: Жаклина Ф. Свеќаровска (професорка во средно училиште во Кочани)
Колку време нашево општество е во осека? Долго, премногу долго. Мерено во години човечко живеење - неиздржливо долго. Полека, па побрзо, но сеедно - се одлеваат луѓето, а со нив и веројатноста дека за догледно време можеме да собереме сила, да ги залечиме раните, да се исправиме и да зачекориме напред. Освен ако вистински не запнеме. Од темел. А темелот се образованието и воспитанието.
Затоа особено болна, длабока и гнојна е раната на состојбите во образованието. Образовниот систем е распарчен од многубројни нефункционални ад хок реформи, разни пилот-проекти и програми, нагризан и разјаден од политизацијата која има длабоко метастазирано во него, поткопан со длабоки јазови на немањето ни приближно исти технички и други можности низ училиштата во државата.
Затоа, сега, со најавени, којзнае кои по ред, предвремени избори, жестоко погаѓа реториката на политичките партии. Повторно наставниците се таргетирани како социјално ранлива категорија, со оглед на фактот дека се најниско платена група вработени со висока стручна подготовка во државата, повторно бидуваат преџвакувани од политичарите во нивните предизборни кампањи, за потоа да бидат плукнати, така изџвакани, уште со првото планирање на буџетот!
Остана ли уште некој наставник што не сфаќа дека состојбите во образованието, условите за работа, платата... се директна последица токму на долгогодишните лоши политики во образованието, токму на дејствувањето на оние што зборуваат за образование во секое предизборие?
Додека наставниците молчат, тие зборуваат!
Зошто молчат наставниците?
Дали немаат што да кажат?
Или нема кој да ги сослуша?
Дел, веројатно, се заслепени од краткорочни лични цели, антагонизмот поради политизацијата зема данок во рационална, објективна мисла, а поголемиот дел се целосно разочарани, потонати во егзистенцијални грижи и безнадежност.
Да се навратиме повторно на реториката на политичките субјекти во државава. Дали зад неа стои вистинска политичка волја за реформи? Каде и во што се рефлектира таа волја? Истражувања, заклучоци, документи, средства?
Образованието е сфера на највисок јавен интерес, темел на секое здраво општество! Нездраво е да се жонглира со него, а невкусно е и недолично да се дебатира за платите на наставниците небаре за социјална помош.
Ако веќе се зборува за образование, за почеток, нека излезат да објаснат пред даночните обврзници зошто во голем број училишта условите за работа се супстандардни, зошто за некои предмети ниту нема учебници, зошто наставниците се збунети, исплашени и ниско мотивирани, колку и на каков начин се инвестира во натамошно професионално унапредување на кадарот?
Дали има место за политика во образованието? ДА!, ама за социјална.