Сите понекогаш сме помислиле или сонувале да станеме милијардери. Но, ретко кому му се остваруваат ваквите соништа. Така, за некој што живее во Северна Америка веројатноста да стане милијардер е 1:785,166, речиси во рангот на веројатноста да ве погоди гром. Оние што успешно ги победиле овие математички веројатности станале дел од елитното друштво.
Од веб-страницата „ХауМач“ ви ја пренесуваме табелата на која се наоѓаат најбогатите луѓе во секоја земја од светот. Но, не сите земји во светот имаат милијардери. Така, на пример, во подрачјето на поранешна Југославија не живее ниту еден милијардер.
Просечната нето-вредност на 73 милијардери е околу 14,8 милијарди долари, а меѓу нив на прво место е и најбогатиот човек во светот, Џеф Безос, кој тој просек го надминува за десет пати со своето богатство од 149,7 милијарди долари.
Повеќето од луѓето на табелата се занимаваат со финансии, банкарство, инвестиции, рударство, градежништво и недвижности. Само пет од нив се жени.
Фото: How Much
Џеф Безос е најбогатиот човек во светот и на оваа листа е претставник на САД, додека на второ место, далеку зад него, е Бернард Арнаулт со 89,3 милијарди долари. Овој Французин е генерален директор на луксузната компанија „Луј Витон“ и е најбогатиот Европеец. Зад него е Амансио Ортега, Шпанец чие богатство изнесува 63,7 милијарди долари. Тој е основач на модната група „Индитекс“, најпозната по тоа што е и сопственик на „Зара“. Иако не е најбогатиот човек во светот, сигурно е најбогатиот трговец во светот.
Мексиканецот Карлос Слим Хелу има богатство од 60 милијарди долари. Три години по ред бил најбогатиот човек во светот. Сега ја носи титулата најбогатиот човек во Латинска Америка благодарение на неговите вложувања во различни компании.
Меѓу петтемина најбогати се и Индиецот Мукеш Амбани, директор на „Релианс индустрис“, компанија што се занимава со енергија, природни извори, телекомуникации и слично.
Прегледот на милијардери по подрачја и земји од кои доаѓаат е доста интересен затоа што покажува и во кои индустрии или сектори се збогатиле, а колку што може да се види, успешноста по индустрии се разликува по континенти.
Во Америка најмногу можете да се збогатите во полето на банкарството, инвестициите и слични финансиски игри. Европските милијардери своето царство го изградиле на храна и мода. Во Азија многу пари влегуваат во недвижности, кои имаат 271 милијарда долари богатство, додека африканските милијардери го градат своето богатство на дијаманти, цемент и храна и така придонесуваат со 43 милијарди долари вкупно богатство.
Кога во пребарувачот ќе ги впишете имињата на најбогатите луѓе, ќе добиете многу статии од кои ќе дознаете како го изградиле своето царство, но и на што најмногу ги трошат своите пари. Повеќето од нив под рубриката хоби наместо спорт или други активности, пишуваат филантропија. Некои од нив се дарежливи и донираат во разни цели околу 1 или 2 отсто од своето богатство.
Бил и Мелинда Гејтс ја основаа организацијата „Гивинг Плеџ“, чија цел е да ги увери најбогатите луѓе на светот половината од она што го имаат да го донираат за филантропски проекти. 204 луѓе од 22 земји учествуваат во овој проект, а најпознати меѓу нив се Ричард Бренсон, Ворен Бафет, Бил Гејтс, Марк Закерберг.
Меѓу нив е и поранешната сопруга на Безос, со вредност од 36
милијарди долари.