X
 19.12.2018 Наука

13-годишно девојче смисли генијален начин за подобрување на соларните панели

13-годишно девојче од Калифорнија освои 25.000 долари за создавање систем за соларни панели што може да детектира каде е сонцето во кое било време.

Џорџија Хатчинсон од Вудсајд, Калифорнија, ја освои првата награда на „Бродком Мастерс“ СТЕМ натпреварот за средношколци.

Таа се најде на првото место од вкупно 30 финалисти, кои добиле вкупно 100.000 долари.

Друштвото за наука и јавност и фондацијата „Бродком“, кои го поддржаа натпреварот, исто така доделија 1.000 долари на СТЕМ-наука, технологија, инженерство и математика - програма во средното училиште на Хатчинсон.

1
Фото: Society for Science and the Public


Иновацијата на Хатчинсон се потпира на јавно достапни податоци од националната океанска и атмосферска администрација за следење на сонцето, правејќи ги соларните панели поефикасни. Наместо да се користат скапи сензори, пронајдокот користи компјутерска програма дизајнирана да ја открие локацијата на сонцето, навалувајќи ги соларните панели за оптимално производство на енергија.

Хатчинсон вели дека се надева оти со помош на соларните панели ќе произведе повеќе енергија, со што пронајдокот ќе обезбеди економски поттик за луѓето да инвестираат во соларна енергија.

- Фокусирањето на обновливите извори за намалување на емисиите на јаглероден диоксид е од клучно значење ако сакаме да ги избегнеме екстремните временски услови - вели таа.

- Во моментов ги гледаме ефектите од климатските промени, а овој систем што го создадов е дизајниран да ја направи соларната енергија поекономична - вели таа.

Хатчинсон изјави дека соработува со адвокат за да го патентира својот пронајдок и додаде дека ќе ја искористи паричната награда за нејзиното образование.

Маја Ајмера, претседател и извршен директор на Друштвото за наука и јавност, изјави дека само 10 отсто од речиси 80.000 студенти што присуствувале на научните саеми биле номинирани да се натпреваруваат на „Бродокм мастерс“. Оваа година судиите избрале 300 учесници од вкупно 2.500 студенти што аплицирале, а потоа уште еден панел од судии го стеснил изборот на 30.

Проектот на Хатчинсон се издвоил затоа што користел јавно достапни податоци и бил многу прецизен. За време на тестирањето на уредот количеството генерирана електрична енергија било во рамките на 5 отсто од она што го предвидел компјутерскиот модел на Хатчинсон.

Хатчинсон често е единствената девојка на часовите по кодирање и други СТЕМ-активности. Таа вели дека се обидува да го промени тоа, создавајќи ја непрофитната организација „Девојки што кодираат“ за да ги заинтересира повеќето од нејзините врснички за СТЕМ.

- Навистина сакам да им покажам на луѓето дека СТЕМ не е само за момчињата и дека девојките можат да се пронајдат во ова поле - вели таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука