X
 19.12.2020 Култура

Трка со камили, култура на одење во сауна... Ова се некои од новите нематеријални културни наследства на УНЕСКО

Што претставува нематеријалното културно наследство на УНЕСКО?

Листата со нематеријално културно наследство на УНЕСКО има цел да обезбеди подобра заштита на важните нематеријални културни наследства во светот и да ја подигне свеста за нивното значење.

Преку збир на различно усно и нематеријално богатство на човештвото во светот, програмата сака да го насочи вниманието кон важноста на заштитата на нематеријалното наследство, што УНЕСКО го утврди како суштинска компонента и како складиште на културната разновидност и креативниот израз.

Листата беше утврдена во 2008 година, кога стапи во сила Конвенцијата од 2003 година за заштита на нематеријалното културно наследство.

Од 2010 година програмата составува две листи. Подолгата, Репрезентативна листа на нематеријално културно наследство на човештвото, содржи културни практики и изрази што помагаат да се демонстрира разновидноста на ова наследство и да се подигне свеста за неговата важност. Пократката, Листа на нематеријално културно наследство, на кое му е потребна итна заштита, е составена од оние културни елементи за кои заедниците и земјите сметаат дека се потребни итни мерки за нивно одржување во живот.

Во 2014 година УНЕСКО го впиша изворното машко соборско оро „Копачката“ на листата со нематеријални културни наследство, во 2015 на листата влезе „Гласоечко“, машко двогласно пеење од Долни Полог, Тетовско, а во 2017 година УНЕСКО впиша уште две нематеријални добра на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство што потекнуваат од Македонија, и тоа „Културните практики поврзани со 1 март - Мартинки“ и „Пролетната прослава Х дрелез“.


Нематеријалните добра потекнуваат од различни земји низ целиот свет, а годинава на листата се најдоа и активности од земји од регионот. Во продолжение ги издвојуваме најинтересните.

1. Минијатурната уметност што се практикува во Азербејџан, Иран, Турција и во Узбекистан.

2. Традиција стара со векови на рачна изработка на божиќни украси од стаклени зрнца во Чешка.

3. Културата на одење во сауна во Финска.

4. Трка со камили во Обединетите Арапски Емирати и во Оман.

5. „Yeondeunghoe“, фестивал на осветлување со фенери во Република Кореја.

6. Култура на одгледување пчели во дрвја во Белорусија и Полска.

7. Грнчарството во Злакуса, Србија.

8. Натпревар за косење трева во Босна и Херцеговина.

9. Традиционални игри на интелигенција и стратешки игри во Казахстан, Киргистан и Турција.

10. Традиционални вештини, техники и знаење за зачувување и пренесување на дрвената архитектура во Јапонија.

Извор: Wikipedia | Ich.unesco.org | Twitter
Фото: Twitter/UNESCO
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура