X
 20.01.2021 Наша тема

Кај спортистите нема линија на помал отпор или „не можам“. Разговор со спортскиот психолог проф. д-р Ленче Алексовска-Величковска

Кај нас сè уште немаме висока свест за оваа професија. Најверојатно и поради импровизациите во спортот од типот еден сè да работи. Најчесто се бара спортски психолог поради честите порази или слабата игра на натпреварите, повеќе како последица, а помалку како превенција. Иако можам да кажам дека во последнава деценија расте свеста за оваа експертиза, особено кај младите селектори, родители и сл.

Спортот е ментална игра. Физичката подготвеност и совладаните техники, нормално, се исклучително важни, но во ситуација на дуел помеѓу две врвни и изедначени екипи или индивидуални спортисти токму психолошкото надмудрување и надмоќ ја прави разликата во конечниот исход. Менталната подготовка на спортистите е само еден од аспектите со кои се занимава спортскиот психолог. Во денешно време најуспешните светски екипи редовно во својот табор го вклучуваат и спортскиот психолог.
Професијата спортски психолог првпат се официјализира во 1965 година во Рим, а кај нас почнала да се развива во деведесеттите години. За нејзините карактеристики разговараме со спортскиот психолог, проф. д-р Ленче Алексовска-Величковска, која е и декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Таа моментално е и психолог на кошаркарската репрезентација на Македонија.

Како се одлучивте за професијата спортски психолог?


- Бев врвен спортист и репрезентативка, капитен со шампионски титули и прогласувана за МВП на олстар-натпреварите во женска кошарка. Играв и за кадетската репрезентација на Југославија. Сите успеси ме насочија кон Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Но сакав нешто повеќе бидејќи не само што бев врвен спортист туку бев и лидер и капитен, а за тоа се потребни посебни способности и особини. Паралелно студирав психологија. Ги споив спортот и психологијата. Психологијата е основа на севкупниот живот на една индивидуа, а спортот е интелектуална активност со различни бои на емоции, социјална интеракција и многу креативност.


Перо Антиќ, претседател на Кошаркарска федерација, Ленче Алексовска-Величковска и Тодор Гечевски, спортски директор на федерацијата / Фото: КФСМ

Сметате дека за успех во Вашата професија е важно да се има такво спортско искуство?

- За да бидете врвен спортски психолог, мора да сте имале спортско искуство, во спротивно брзо ќе заминете. Зошто? Спортистите се дефинирани со посебна психолошка структура која не може да ја има обичниот човек. Спортистот нема избор или линија на помал отпор, или „не можам“. Тие имаат само еден пат, а тоа е борба со себе и со сите предизвици. Мора да ги имате трите компоненти - врвен спортист, психолог и спортската наука. Затоа нема многу спортски психолози.

Имате работено како спортски психолог во повеќе клубови и со индивидуални спортисти?

- Ќе издвојам неколку. Првото мое ангажирање беше во 1997 година со машката кадетска кошаркарска репрезентација. Учествувавме на европското првенство во Словенија, каде што предводени од Перо Антиќ завршивме како шести. Пет години работев со најталентираните пливачи и повторно со стручен комплетен тим, а тоа резултира со учество на олимпијада. Од 2007 до 2010 година работев со машката ракометна репрезентација, а тоа резултира со врвни спортски кариери на сите од тимот. Од индивидуалните спортови можам да ги издвојам кајакарот Лазе Поповски, скијачот Антонио Ристовски и каратистите Берат Јакупи, Емил Павлов, Наташа Илиевска, Жарко Арсовски. Во моментов сум вклучена во сениорската кошаркарска репрезентација.


Фото: Приватна архива

Дали редовно патувате со екипите и дали некогаш дејствувате и за време на натпреварот?

- Идеално е спортскиот психолог да биде присутен на тренинзите и на натпреварите за да ги поврзе техниката, тактиката и физичка подготовка. Доколку менаџерот, селекторот и капитенот имаат визија за успех, тогаш ќе ве повикаат да патувате со тимот. Треба да одржите предавање со целиот тим за тоа што ќе работите, кои се вашите очекувања и што ќе добијат спортистите, а потоа следува одлука на спортистите, дали прифаќаат или не. Психологот не смее да прифати ангажман ако не го поддржат сите. Не треба да се наметнува. Потребно е тимско дејствување.

Кога и за каква потреба (проблем) најчесто спортистот се обраќа на спортски психолог?

- Кај нас сè уште немаме висока свест за оваа професија. Најверојатно и поради импровизации во спортот од типот еден сè да работи. Кај нас оваа професија почна да се развива од деведесеттите години. Таткото на спортската психологија е професорот Димитар Керамичиев, кој ми беше ментор од кого многу научив. Спортски психолог најчесто вклучуваат само луѓе со визија, образование и искуство или по повик на родителите, тренерите и сл. Најчесто се бара спортски психолог поради честите порази или слабата игра на натпреварите, повеќе како последица, а помалку како превенција. Иако можам да кажам дека во последнава деценија расте свеста за оваа експертиза, особено кај младите селектори, родители и сл.

Дали спортскиот психолог може директно да влијае врз менталната цврстина на една екипа или индивидуален спортист?

- Секако. Ние работиме на психолошката подготовка, индивидуално и колективно, зависно од спортот. Мора да се познаваат и позициите во спортот. Различно е да сте дефанзивен играч, напаѓач, плејмејкер, крило, пикер итн. Различно се работи ако еден е пливач, а друг скијач, иако двајцата се од индивидуални спортови. Кога анализирате, има одговор на сето ова и затоа работите на подобрување на своите перформанси и перформансите на тимот, а тогаш станувате и ментално цврст.


Фото: КФСМ

Дали сметате дека тренерите треба да имаат познавање од Вашата професија?

- Апсолутно. Секој тренер мора да има познавање од процесите во психологијата и да ги препознава и до одреден степен да ги спроведува. Или, пак, спортистите да ги препратува на спортски психолог. Тренерот треба да биде психолошки подготвен бидејќи спортистите го чувствуваат тоа. И не само поради спортистите, туку и во однос на себе и во однос на успешните и ефективни реакции за време на натпреварите. Треба да биде стабилен, сигурен, да не го совладуваат моменталните ситуации за да може да носи ефикасни одлуки. Во спортот има хиерархија и таа мора да се почитува. Селекторот е главен, а останатите од стручниот тим се асистенти.

Дали во ова време на пандемија спортистите имаа поголема потреба од психолог и какви се советите за нив?

- Спортистите се многу силни и дисциплинирани личности. Треба и понатаму да размислуваат и да практикуваат позитивна психологија и брзо ќе се вратат на спортските терени. Страста што ја имаат кон победата или да се биде најдобар брзо ќе ги рехабилитира. Оние што мора да паузираат две-три недели имаат извонредна можност за ментални тренинзи и за анализа на себе и на натпреварите.

Имате ли интересни моменти од големи натпреварувања каде што спортист Ви се обратил за нешто?

- Поради етика во психологијата, не поврзувам настан со спортист со име и презиме. Но, многу интересно е следново. Се играше последен натпревар за да се постигне голем успех и капитенот дојде кај мене и посочи играч кој е многу важен и побара да го подготвам психолошки. Го повикав и навистина спортистот беше дефокусиран. Победивме на натпреварот и тој постигна девет гола. Тоа е тим, кога сите дишат како еден, кога мислат и се насочени кон тимската цел, а не за правење лични статистики.

Дали спортскиот психолог игра улога во советувањето на спортисти кои се на залез на кариерата? На пример, совети за што понатаму и слично?

- За мене, образованието секогаш било најважно. Младите треба да инвестираат во себе во повеќе области. Врвниот спорт е тежок и непредвидлив, така што една повреда може да ве врати меѓу сите други луѓе, да го урне вашиот сон и да западнете во криза на сопствениот професионален идентитет. Затоа спортистите мора да имаат и план Б. Секогаш ги советувам да спортуваат и да учат. Човекот е роден да се бори, да се менува, да се реализира, да биде модел на другиот, да создава и да почитува вредности. Сето ова го има навиката за спорт.
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема