Џасинда Ардерн ги изненади жителите на Нов Зеланд и целиот свет со известувањето дека ќе даде оставка од функцијата премиер. Прогресивната политичарка стана популарна во светот за време на нејзината работа. Таа ќе ја напушти функцијата на 7 февруари. Ардерн, која сега има 42 години, беше избрана за премиер на Нов Зеланд во 2017 година, а потоа повторно победи на изборите во 2020 година. Ова се некои од нејзините најголеми постигнувања за време на петте години на функцијата.
Справување со пандемијата
Ардерн доби пофалби за нејзините мерки за време на пандемијата. Земјата беше затворена за влез веќе на 23 март, а наскоро беа воведени економски мерки за да им се помогне на жителите во кризата.
Мерки за климатски промени
Ардерн користи прогресивни методи за борба против климатските промени. Таа го забрани копањето на нафта и гас во водите околу земјата, стави крај на употребата на пластични кеси за една употреба и донесе закон со кој се предвидуваат мерки за да се елиминираат емисиите на јаглерод диоксид.
Почит за маорската култура
Ардерн се трудеше да ја слави маорската култура во земјата за време на нејзиното владеење. За време на еден настан, таа беше облечена во традиционална облека на маорите. Освен тоа, нејзиното второ дете во своето име го има маорскиот збор „те ароха“, што значи љубов.
Благосостојбата е приоритет
За време на владеењето на Ардерн, Нов Зеланд стана првата западна земја со буџет за благосостојба и во кој се предвидува подобрување на услугите за ментално здравје. Буџетот предвидува трошење 980 милиони фунти за услуги за ментално здравје низ земјата.
Поддршка за ЛГБТ-заедницата
Ардерн стана дел од историјата кога учествуваше во Парада на гордоста во 2018 година. Таа стана прв премиер на земјата кој бил дел од оваа парада.
Го донесе детето на состанок на Обединетите Нации
Ардерн доби пофалби од јавноста кога го донесе тримесечното дете на состанок на Обединетите Нации. Јавноста ја пофали дека помага во менување на перцепцијата за жените кои работат и имаат деца.
Справување со терористички напад
Во 2019 година, во Нов Зеланд се случи најлошото масовно убиство во историјата на земјата. Во терористички напад беа убиени 51 лице во две џамии. По настанот, заедно со Емануел Макрон, премиерот на Франција, Ардерн започна иницијатива за намалување на терористичката содржина на интернет.
Освен тоа, таа брзо работеше за да се сменат законите за поседување оружје во земјата. За само шест дена по нападот беше забрането поседувањето полуавтоматско оружје. Околу 62.000 забранети пиштоли беа откупени од страна на владата.
Справување со ерупција на вулкан
Во декември 2019 еруптираше вулканот Вајт Ајленд. Вкупно 21 лице го загубија животот во несреќата, а Ардерн се сретна со спасувачите по настанот и ги пофали нивните херојски напори во деновите по ерупцијата. Освен тоа, таа им оддаде чест и на семејствата кои загубија член во несреќата.
Извор:
Indy100
Насловна фотографија:
Wikipedia