X
 20.02.2021 Култура

Југославија на последен концерт. Добра ноќ, панонски морнару!

Вчера почина Ѓорѓе Балашевиќ, една од најголемите ѕвезди на просторите на поранешна Југославија. Неговата смрт како да ги отстрани границите кои сега постојат на тие простори и ги сплоти сите народи во тагата. Тагуваат сите - Србите, Македонците, Хрватите, Словенците, Црногорците... Социјалните мрежи се преплавени со пораки за збогување со идол на многу генерации, кои во текстовите на Балашевиќ бараа инспирација, наоѓаа утеха и раскажување на љубовта и животот.

Песните на Балашевиќ од вчера се пеат од Триглав до Гевгелија, исто како што се пееја децении на назад, само сега потажно од кога било. Неговите сограѓани во неговиот Нови Сад синоќа одржаа и мал проштален концерт. Сите се простуваат со некоја омилена песна - „Само да рата не буде“, „Не ломите ми багрење“, „Свирајте ми јесен стиже, дуњо моја“, „Не волим јануар“, „Малиганска“, „Седам осмина“... со омилениот стих, со омилениот д-мол.

„Путује моје друштво и ја чекам на ред“.... „Време је било, ајмо полако“...

Замина капетанот кој го изгуби морето, ама не и бродот... Добра ноќ, панонски морнару!

Од големиот Балашевиќ на социјалните мрежи се простија и амбасадори, премиери, новинари, негови колеги музичари, кои, секако, се  дел од обожавателите на неговите дела.


Можеби највпечатлив е твитот на Саша Магазиновиќ, босански пратеник, кој го направи неизбежното поврзување на Балашевиќ со Југославија, пишувајќи дека отсекогаш се прашувал како би изгледале социјалните мрежи, доколку постоеле, на денот на смртта на Јосип Броз Тито.

-Ѓоле Балашевиќ ни го објасни и тоа - пишува Магазиновиќ.

Веста за смртта на Балашевиќ ги преплави медиумите во регионот. Така, хрватскиот „Јутарњи“ напиша за „Заминувањето на панонскиот морнар“ и пренесе изјава на музичарот Дражен Туринa.

-Низ годините јас му бев поддршка нему и тој на мене. Беше многу храбар човек, принципиелен и имаше голема харизма. Тоа и го чинеше - истакна Турина.

„Вечерњи лист“ исто така посвети неколку вести на смртта на Ѓорѓе и ги потсети читателите на хитовите со кои, како што наведуваат од медиумот, „растевме, се смеевме и тагувавме“. Тие пренесоа и изјава од последното интервју на Балашевиќ за „Вечерњи“.

-Кај нас претседателите прво ги избираат, па дури потоа стануваат комичари. Попрецизно, стануваат трагикомичари, но такво нешто и може да се очекува од оние кои и во политиката влегле како натрушчик. Тоа не е само регионален патент, светската историја е преполна со амбициозни некарактерни епизодисти кои наумиле да станат карактерни глумци. Се ужаснувам од тоа шмирање на политичкото платно, без разлика дали се обидуваат да глумат херои на воени спектакли или да изигруваат ѕвезди во мјузикл, но уште повеќе се ужаснувам од публиката која наседнува на сето тоа - истакнал Балашевиќ.

И ХРТ на својот портал објави за смртта на Балашевиќ, оишувајќи го како „омилен на просторите на поранешна Југославија“ и на ХТВ2 го прикажа документарниот филм „На станицата во Пула - Ѓорѓе Балашевиќ“.

И медиумите од Босна и Херцеговина објавија за смртта на Балашевиќ. Весникот „Ослобоѓење“ потсети дека Балашевиќ, кој тренирал фудбал и бил во младинските категории во Војводина, одговарал на прашање на новинар дали би се менувал со фудбалерот Сафет Сушиќ.

-Сега сигурно не! Морам да признаам дека полесно ги заработувам своите пари во однос на фудбалерите. Мислам дека професионалното занимавање со фудбал е физички многу тешка работа. Затоа сум му благодарен на Жарко Николиќ што погреши во проценка на мојот талент. Сега, како што сакам да кажам, пеејќи си ги заработувам парите... Сепак, остана неостварена желба - во дрес од Војводина да тресам мрежи, а мојот татко на трибините да го гледа синот и да се топи од милина - рекол Балашевиќ.

„Ослобоџење“ пренесе и дека Дино Мерлин се простил од Балашевиќ објавувајќи емотивно видео на својот профил на „Фејсбук“ во кое со солзи во очите пее една од најпопуларните песни на Балашевиќ.

Од Балашевиќ на „Фејсбук“ се прости и Здравко Чолиќ.

 
Медиумите од Словенија исто така пренесоа за смртта на Ѓорѓе.

Тажната вест беше објавена и од страна на светски познати медиуми. Американската новинска агенција Асосиејтед прес (АП) пренесе за отвореното спротивставување на Балашевиќ на национализмот.

-Кога Југославија се распаѓаше во етничката војна во раните деведесетти, Балашевиќ отворено се спротивстави на национализмот кој ги разгоруваше судирите. Поради неговите ставови, мејнстрим медиумите во Србија го избегнуваа Балашевиќ во текот на воените години - напишаа од АП, нагласувајќи дека и покрај тоа Ѓорѓе останал омилен „ширум етнички поделениот балкански регион по војните“.

Извори: Danas.rs | AP
Насловна фотографија: balasevic.com
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура