Ова не е текст за Ѓорѓе Балашевиќ. Ни за неговата смрт. За него пишуваат и ќе пишуваат оние што го познавале подобро и ги слушале и ги сакале неговите песни повеќе од мене. Ова е текст за Југославија и нејзината смрт. Во текстот се прашува: колку пати може да умре една земја, т.е. конкретно Југославија? Синоќа во Југославија се виеја пораките на заедништво во жалоста. Простувајќи се од Балашевиќ, многу од нас уште еднаш се простија од Југославија.
Преку разни мрежи до читателот синоќа верувам, како и до мене, стигнало: не бев посветен љубител на неговата музика, но вечерва чувствувам дека тагата и загубата се преголеми. Можеби читателот, како и јас, синоќа на ХРТ повторно ја изгледал снимката од концертот на Ѓорѓе Балашевиќ од 2001 година во Пула. И очите му биле полни со солзи додека во првите редови пред бината гледал деца родени по Југославија како наглас пеат песни од времето на кое по природа на нештата не можат да се сеќаваат и така сепак ја живеат, можеби и неволно, Југославија.
Читателот, ако гледал, видел и средовечни луѓе на первазот од пулската арена: седат на трибините како во времеплов. Се потсетуваат... Навистина, на што се потсетуваат тие?
Сеќавањето на Југославија е како шпанска серија - сапуница на „пијанство и кич“. Јаки страсти, неубедливи заплети и уште полоши расплети. Сплет од љубов и омраза со пеење и пукање. Како во песните на Балашевиќ - на работ на кичот и преку тие рабови. Затоа толку лесно се идентификуваме со нив. Тоа се песни на нашите животи баш затоа што се кич. Нашите животи се - кич. Веднаш да се разбереме, не мислам дека во тоа има што и да е лошо, за Балашевиќ. Ако нашите (југословенски, а особено постјугословенски) животи имаа повеќе смисла, Балашевиќ, верувам, би пишувал поразлични песни.
Така испаѓа тоа кога бедните и преку секоја мера злобни јунаци, без кои сапуниците се незамисливи, ќе се втурнат во реалниот свет и ќе почнат да го обликуваат според своја мерка. Ако не ги избркаме навреме, почнуваме да ги живееме нивните фикции. А тука нема место за нијанси и внимателно расудување. Само јаки емоции и брзи - би се рекло површни - заклучоци. Но, впечатокот за површноста е погрешен. Бидејќи во тој едноставен, плочест, црно-бел свет секогаш се заклучува и одбира помеѓу доброто и злото. Колку и да е плочест, длабочината на (моралниот) пад во тој свет е загарантирана.
Балашевиќ, пак, се покажа како непогрешлив судија, на страната на доброто. Тоа на неговиот кич му дава една повисока - морална вредност. Кога лесно се идентификуваме со неговите песни и се предаваме на дертот во нив, покрај многуте други нешта, ние всушност сакаме и себеси да се гледаме како подобри отколку што сме. На ист начин се сеќаваме и на Југославија. Тоа е, по сите промашени одлуки и нивни грди исходи, сеќавање на некои измислени подобри ние. Тука, во тој измислен подобар свет, се среќаваат гледачите од трибините на первазот од арената и децата од првите редови, кога заедно во еден глас го пеат Балашевиќ, т.е. Југославија.
Затоа низ Југославија течеа солзи и кога починаа Оливер Драгојевиќ и неодамна Мира Фурлан, но и кога загина Тоше Проески, кому фактичката Југославија, како и на неговата публика, тешко можеше да му значи нешто.
Југославија се буди секојпат кога ни е тешко, кога ќе помислиме дека сме сами во неволјата и кога соседите ќе ни пружат рака и ќе ни кажат - не сте сами. Сте, чист кич. Но, морално супериорен кич. Го гледавме тоа, да речеме, во 2014 година кога на плоштадот во Скопје Македонците носеа и оставаа помош за настраданите во поплавите во Србија. Го гледавме тоа и неодамна кога утешителните пораки од оваа страна на Дунав тргнаа кон Загреб настрадан во земјотресот. Тие своевидни канали на солидарност ги копаа и одржуваа, заедно со другите, а секој на свој начин - и Проески, Драгојевиќ, Фурлан, Балашевиќ.
Во југословенската сапуница, наспроти лошите негативци, тие се нашите позитивни суперјунаци. На разорната реална моќ на политиката одговара позитивна симболична моќ на популарната култура. Исходот од тој нерамноправен судир мораше да биде трагичен: од една страна, гола сила, од друга страна... Навистина, што има на другата страна? Малку песни, приказни, филмови. Но, таква каква што е, нематеријална и флуидна, понекогаш оскудна во некои свои содржини, популарната култура сепак е неуништлива. Сапуниците се стремат своите едноставни обрасци да ги развиваат во недоглед. Така и Југославија. Со неа и Балашевиќ.
Колку пати може да умре Југославија? Безброј. Југославија е вечна. Како песните на Балашевиќ.
Автор: Дејан Илиќ
Насловна фотографија: Pixabay