X
 20.03.2019 Технологија

Играње видеоигри наместо интервју за работа во банка

Банката „Џеј-пи Морган Чејс & Ко“ тестира видеоигри базирани на невронауката кои би можеле да им помогнат во регрутирањето стажанти. Банката се обидува да ја зголеми разновидноста на својата работна сила преку проширување на кандидатскиот „базен“.

Банката користи технологија од „пиметрикс“, стартап чии игри им помагаат на компаниите да ги проценат социјалните и когнитивните карактеристики и карактеристиките во однесувањето на кандидатите, како што се вниманието, меморијата и алтруизмот.

За да идентификува кои потенцијални практиканти би можеле да бидат најсоодветни за работа, платформата ги мери атрибутите на кандидатот и ги споредува со оние на успешните вработени во фирмата. Ова им помага на компаниите да ги направат своите процени повеќе базирани на податоци од традиционалните процеси.

banka
Фото: Reuters


Во текот на изминатите неколку месеци вработените во „Џеј-пи Морган“ од целиот свет играле видеоигри, а подоцна ги играле стотици кандидати.

Мет Митро од „Џеј-пи Морган“ вели дека со користење на оваа технологија се проширува кругот на потенцијални кандидати бидејќи резултатите од играта ќе укажуваат на одредени луѓе и нивните вештини кои не би биле откриени на класичните интервјуа за работа.

Преку пополнување на различни прашалници на разговорите за работа, кандидатите често даваат одговори што сметаат дека работодавците сакаат да ги слушнат, што не е случај со игрите на „Пиметрикс“ бидејќи во нив нема правилен и погрешен одговор. Алгоритамот само го следи начинот на кој кандидатите играат и размислуваат и преку анализа на начинот на игра донесува заклучоци за кандидатите. Секако, кандидатите не се вработуваат исклучиво врз основа на резултатите што ги имаат од играта. Видеоигрите се само еден чекор во процесот на вработување.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија