X
 20.03.2019 Наука

Научници најдоа начин да ја претворат морската вода во гориво

Хемиска реакција за која сте учеле во средно може да помогне во решавањето на енергетската криза. Електролизата, односно пуштањето електрична струја низ вода, ја дели водата на кислород и водород, а водородот може да се користи како издржлив извор за гориво кое не загадува.

Во минатото процесот на прочистување на водата однапред беше премногу енергетски интензивен за да биде корисен, но сега научниците смислија начин како да го прескокнат целиот процес и да ја претворат морската вода во водород што може да се користи.

Генерирањето водородно гориво од вода би било товар за сите други на кои им е потребна таа вода, велат научници од Универзитетот „Станфорд“ и од Универзитетот за хемиска технологија од Пекинг.

Тоа е особено точно бидејќи климатските промени наскоро би можеле да ги направат сушите во светот уште полоши.

Така, научниците развиле нова метална облога за електродите што ги користеле во експериментот со што тие би можеле да ги издржат хемиските реакции во солената вода.

Поради тоа што електричниот набој е потребен за да се подели водата на кислород и водород, научниците се обиделе да го направат нивниот апарат што е можно поеколошки и му поставиле соларни ќелии.


Прототип на апаратот
Фото: Science Alert

Хонгџи Даи, хемичар од „Стенфорд“, истакна дека системот може да се постави на подморници или на опрема за нуркање.

Водородното гориво би можело да ја напојува подморницата или опремата, додека кислородот генериран од хемиската реакција би можел да обезбеди воздух за дишење.

Но практичната употреба е многу далеку во иднината, а ова ново истражување само покажува дека технологијата би можела да функционира.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука